Огромните количества дигитални информации што се создаваат секој ден мора да се зачуваат некаде, а Кина има една иновативна идеја за најновиот блок-центри за податоци – да ги стави под вода!
Центрите за податоци се компјутерски единици во кои се чува сѐ – од плејлистите на „Спотифај“ до пораките на „Џимејл“. Иако ставањето на овие единици под вода не е лесна задача, сепак, носи две клучни бенефиции.
Прво, спасувањето простор. Кинескиот план е 100 вакви блока да бидат ставени под вода до 2025 година, што ќе заземе простор од околу 68 илјади квадратни метри. Тоа е речиси колку 13 фудбалски игралишта. Тоа земјиште, кое инаку би било заземено, може да се користи за други цели или да се остави празно додека центрите се 35 метри под брановите.
Второ, и не помалку важно, е тоа што морската вода дејствува како природен разладувач, одржувајќи ги температурите ниски околу центрите. Се проценува дека годишно може да се заштедат околу 122 милиони киловат-часа електрична енергија, што е еднакво на просечна потрошувачка на електрична енергија на 160.000 Кинези.
Тоа се бенефициите, но не е лесно да се стават овие единици тешки 1.300 тони под вода. Треба да се изградени така што ќе ги издржат притисокот и корозијата од морската вода и во јавноста сепак не се објавени детали како овие огромни блокови електроника ќе влијаат врз морскиот екосистем.
Знаеме дека секоја единица нуди доволно процесирачка моќ за 4 милиони слики во висока дефиниција на секои 30 секунди – тоа е приближно исто како 60.000 компјутери, па станува збор за моќта на 6 милиони компјутери ако бидат инсталирани 100 такви центри.
Поставувањето на центрите под вода е резултат на партнерство меѓу кинеската влада и приватните компании и треба да биде реализирано во близината на Санја, во покраината Хајнан. Секој центар е дизајниран да трае 25 години, па би требало да помине четвртина век пред секоја од овие единици да треба да се замени.
Идејата за поставување на ваквите единици под вода не е нова, „Мајкрософт“ во 2016 година ја тестираше идејата за нивно поставување под брановите.