Фото: ЕПА

Кинеските научници објавија нови резултати од скенирањето
на местото каде што на планетата Марс слета кинескиот ровер „Журонг“

Кинескиот истражувачки ровер „Журонг“ има радарски систем што може да навлезе под површината на Марс и подобро да погледне во неговите скриени подземни области. Кинеските научници објавија нови резултати од скенирањето на местото каде што на планетата Марс слета „Журонг“, при што изјавија дека на длабочина од околу 35 метри забележале неправилни полигонални форми.
Објектите се со големина од неколку сантиметри до неколку десетици метри. Експертите веруваат дека закопаните геометриски објекти се всушност формации создадени за време на циклусот на замрзнување и одмрзнување на Марс пред неколку милијарди години, но дека би можеле да бидат и од вулканско потекло, создадени по ладењето на тековите на лавата.
Роверот „Журонг“ слета на Марс на 15 мај 2021 година, со што Кина стана втората земја во историјата што успешно слетала ровер на Црвената Планета. „Журонг“, именуван по кинескиот бог на огнот, по слетувањето ја истражувал околината, ја проучувал топографијата на Марс, правел мерења со својот радар и дури испратил самослик на кој „позира“ со својот лендер.
Требаше да биде функционален три месеци, но успешно работеше нешто повеќе од една година, а потоа влезе во планирана хибернација. Ништо не се слушна за него од мај 2022 година досега, кога беа објавени новите резултати од скенирањето.
Утопија Планитија е голема рамнина во рамките на Утопија, најголемиот познат базен на Марс и во Сончевиот Систем. Се проценува дека има дијаметар од 3.300 километри. Кинескиот ровер за време на својата мисија патувал 1.921 метар.

Кинеските научници известуваат дека радарот на роверот открил шеснаесет полигонални формации на растојание од околу 1,2 километар, што покажува дека овој тип на подземен терен може да биде широкораспространет под Утопија Планитија.
Пронајдените геометриски форми најверојатно потекнуваат од пред 3,7 до 2,9 милијарди години за време на доцната хеспериска и раната амазонска епоха на Марс, при што теренот последователно бил покриен со подоцнежни геолошки процеси. Иако на површината на Марс веќе се забележани полигонални геолошки формации, ова е прв показател дека тие се наоѓаат и во подземјето на Црвената Планета.
Претходното истражување на радарските податоци покажа дека повеќекратните поплави во иста временска рамка создале неколку слоја под површината на Утопија Планитија. Затоа научниците веруваат дека големите климатски промени на Марс се одговорни за овие необични форми.
– Контрастот на карактеристиките над и под длабочина од околу 35 метри укажува на значајна трансформација на водната активност или термалните услови за време на древната марсовска доба, што имплицира дека поголеми климатски промени се случиле на ниски до средни географски широчини – објаснуваат кинеските научници.
Истражувањето наречено „Закопан палеополигонален терен откриен под Утопија Планитија на Марс од радарот ’Журонг’“ беше објавено во списанието „Нејчр“.