Фото: ЕПА

Политиката за безвизен влез е најновиот обид на Кина за зајакнување на туризмот и економската размена. Кинеската политика за безвизен режим за патници од шест земји даде позитивни резултати, а Министерството за надворешни работи ќе продолжи да ја оптимизира својата визна политика

НОВА БЕЗВИЗНА ПОЛИТИКА НА КИНА

Кина го лансира таканаречениот безвизен режим за патување односно влез во земјата за обичните граѓани носители на патни исправи од Франција, Германија, Италија, Холандија, Шпанија и од Малезија. Целта е да се зајакне размената на луѓе со луѓе и да се динамизира процесот на т.н. отворање на високо ниво. Имено, од 1 декември до 30 ноември следната година, имателите на обични пасоши од горенаведените шест земји можат да влезат во Кина без визи за бизнис, туризам, посета на роднини и пријатели и транзит не повеќе од 15 дена.
– Сега, ако има потреба од бизнис-размена, можам едноставно да купам авионски билет и да одам во Кина, што е многу погодно – рече за медиумите Убеда Еспи Хуан Рафаел, шпански бизнисмен.
Тој е еден од 2.029-те луѓе што ја искористија ова нова одлука на Пекинг токму на инаугуративниот ден.
– Прочитав за новата политика на интернет дека е можно без виза да дојдете на краткорочна посета за да го видите градот – изјави за медиумите германскиот турист Краузе Артур Роберт, веднаш по резервирањето билет за пат во Шангај.
Имено, од 18 часот во понеделникот, речиси 1.400 луѓе од гореспоменатите шест земји влегле во Кина преку шангајските аеродроми „Пудонг“ и „Хонгчиао“ токму според политиката за ослободување од визи. Според статистичките податоци, од локалните власти за излез и влез на меѓународниот аеродром „Хангжу“ во провинцијата Жеџијанг во источна Кина влегле над 330 патници со безвизен режим.
Во меѓувреме се воведени низа мерки за подобрување на искуството за патниците што се ослободени од барањата за виза.

Аеродромот „Хангжу“, на пример, ги засили своите преведувачки услуги, нудејќи помош на повеќе јазици, како англиски, француски и италијански, за да се задоволат различните потреби на патниците. Тој ги прошири своите распореди на летови во популарни меѓународни градови и додаде директни интерконтинентални линии.
Во Шангај имиграциските инспекциски власти тесно соработуваат со авиокомпаниите за да ги оптимизираат царинските процедури, внимателно да го следат протокот на патници и навремено да ги отворат инспекциските канали за ефикасна обработка.
Политиката за безвизен влез е најновиот обид на Кина за зајакнување на туризмот и економската размена. Минатиот месец Кина ја прошири својата политика за безвизен транзит за да вклучи граѓани од Норвешка за 72/144 часа престој, со што вкупниот број на земји на кои се однесува одлуката се искачи на 54.
Одделенијата за имиграција низ Кина извршиле 123 милиони гранични влезови и излези во третиот квартал од 2023 година, што е зголемување од 454,4 отсто на годишно ниво, соопшти Националната администрација за имиграција (НИА).
– Кинеската политика за безвизен режим за патници од шест земји даде позитивни резултати, а Министерството за надворешни работи ќе продолжи да ја оптимизира својата визна политика за да обезбеди поголема удобност за прекугранично патување – изјави во вторникот портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Ванг Венбин.
Цитирајќи ги податоците на НИА, Ванг рече дека околу 7.000 луѓе од шесте земји опфатени со политиката за ослободување од визи влегле во Кина од 1 до 3 декември, што претставува 39 отсто од вкупниот број влезови од овие земји.

– Оваа политика (ослободување од виза) е многу возбудлива и е доста поволна за влезен туризам. Зголемувањето на влезните туристи ќе ја поттикне потрошувачката во секторите, вклучувајќи транспорт, јадење, сместување и шопинг – рече Џоу Веихонг, заменик-генерален директор на туристичката агенција „Спринг тур“.
Според мислењето на Луиџи Гамбардела, претседател на „ЧајнаЕУ“, меѓународно дигитално здружение во Брисел, визното ослободување за патниците од големите европски економии исто така ќе им олесни на менаџерите на малите и средните претпријатија да патуваат во Кина за бизнис, изложби и друго, што исто така ќе ја зголеми довербата во инвестирањето во Кина.
– Луѓето треба да стекнат искуство од прва рака за да имаат вистинско разбирање за различна земја и различна култура. Посетите на многу луѓе во Кина ги променија нивните стереотипи за Кина – изјави Луиџи Гамбардела.