Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер изјави дека Германија и Франција имаат посебна одговорност, но смета дека недоволно вложуваат напори да се запре војната во Украина

Володимир Зеленски во своето видеообраќање кажа дека Украина нема да отстапи од своите ставови и позиции кога станува збор за суверенитетот на својата држава, велејќи дека Киев нема да ѝ дозволи на Русија да ги присвои украинските области што моментално се окупирани од страна на руската армија.
Тој кажа дека доколку Москва одржи референдуми за приклучување кон Русија во окупираните области на неговата земја, нема да има разговори со Украина или со нејзините меѓународни сојузници.
– Ако окупаторите продолжат по патот на псевдореферендуми, тие ќе ја затворат за себе секоја шанса за разговори со Украина и слободниот свет, што очигледно ќе ѝ треба на руската страна во одреден момент – рече Зеленски.
Запрашан за предлогот на Турција да посредува во мировни преговори меѓу Украина и Русија, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека двајцата лидери можат да се сретнат откако двајцата ќе ги завршат своите домашни задачи.
Поранешниот руски претседател и премиер, актуелен заменик-претседател на националниот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, вели дека Русија ќе ги постигне своите цели во судирот во Украина под сопствени услови и предупреди дека Западот има долгорочни цели да ја уништи Русија.
Од почетокот на војната во Украина беа отфрлени неколку предлози за почеток на мировни преговори меѓу Киев и Москва. Гласноговорникот Песков го повтори ставот на Русија за тоа дека Украина може во секој миг да придонесе за завршување на воениот судир, но под услов да ги прифати условите на Русија.
На крајот на март беше пропуштена можноста во Истанбул да биде постигнат договор, но како што објавија од Кремљ, Украина го отфрли нацрт-договорот. Русија, според тогашните информации, бараше од Украина да биде воено неутрална, да се откаже од развојот на нуклеарно оружје и да ја признае руската контрола над Крим и окупираните територии во источниот регион на Донбас.
Како можен посредник во мировните преговори се споменуваше и името на поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, кој има блиски релации со рускиот претседател Владимир Путин. Од официјална Москва ја негираа оваа информација, а како што објавија тамошните медиуми, „Герхард Шредер поминал неколку дена во Москва поради преговорите за испорака на енергенти од Русија за Германија“. Шредер во таа пригода се заложил за отворање на гасоводот „Северен тек 2“.
По враќањето во Германија, Шредер за медиумите изјави дека „Владимир Путин е подготвен за наоѓање решение во судирот со Украина во преговорите со Западот“. Поранешниот германски канцелар изјави дека Германија и Франција имаат посебна одговорност, но смета дека недоволно вложуваат напори војната во Украина да се запре“.