Фото: Принтскрин

Најбогатиот човек на светот се внесува себеси во некои од најгорливите глобални конфликти, пишува „Њујорк тајмс“, откако Илон Маск во изминатите четири недели изнесе мировен план за Русија и Украина, што ги разгневи властите во Киев, а потоа во интервју истакна дека Кина би можела да биде задоволена со делумна контрола врз Тајван, предизвикувајќи незадоволство во Тајпеј. Згора, тој на Твитер се осврна на пристапот на Иранците до Интернет, во екот на тамошните протести.

– Маск во изминатите месеци се покажува како нов хаотичен актер на сцената на глобалната политика. Повеќемина милијардери сакаат на Твитер да изнесуваат мислења за светските прашања, но никој не е ни близу до влијанието на Маск и до неговата способност да предизвика неволји. Тој понекогаш навлегуваше во ситуациите и покрај тоа што беше советуван против тоа, а зад себе веќе остави неколку нереди – пишува американскиот весник.

Најголемиот дел од богатството на Маск, проценето на 212 милијарди долари, доаѓа од уделот во неговата компанија за електрични автомобили „Тесла“, но се смета оти влијанието на милијардерот во голема мера се должи на компанијата за вселенски истражувања „Спејс екс“. А влијанието на Маск дополнително ќе се зголеми доколку тој утре го реализира предвиденото купување на компанијата „Твитер“, како што вети.

– Технологијата стана централна во геополитиката. Тоа е фасцинантно и хаотично, а Илон Маск се наоѓа во средиштето на се – вели Керен Корнблух, од геополитичкиот тинк-тенк „Германски маршалов фонд“.

Негоевите многубројни критичари сметаат дека станува тешко да се одвојат мислењата на Маск од неговите бизнис-интереси, што би можело дополнително да му наштети, но засега нема назнаки дека милијардерот ќе биде повнимателен кога се изјаснува за осетливи теми.