Сѐ поблиску сме до 5 декември, денот по кој би можело да дојде до сериозни промени на светскиот пазар на нафта. Како што е познато, во јуни оваа година, Советот на ЕУ го усвои шестиот пакет санкции, со кој, меѓу другото, „се забранува купување, увоз или трансфер на сурова нафта и одредени нафтени деривати од Русија во ЕУ. Овие ограничувања ќе почнат да се применуваат постепено, во рок од шест месеци кога станува збор за сурова нафта, од 5 декември, и во рок од осум месеци кога станува збор за други рафинирани нафтени деривати, од 5 февруари следната година“

Ќе дојде ли до пресврт на глобалниот пазар на нафта кога европските санкции ќе стапат во сила?

Од моментот кога беше донесена одлуката „во рок од шест месеци кога станува збор за сурова нафта (од 5 декември) и во рок од осум месеци кога станува збор за други рафинирани нафтени деривати (од 5 февруари 2023 година)“, две деловни заедници веднаш почнаа да бараат решение. Тоа се трговците со нафта и компаниите за танкери. И на двете досега им оди добро. Руската нафта се бара затоа што се продава под пазарната цена, а големите купувачи во Азија ја складираат. Ваквиот добар бизнис би можел да заврши кога европските санкции ќе стапат во сила.
Загрижени се и САД, голем производител на нафта, енергетски независен, чии компании во моментов продаваат големи количества течен гас во Европа по историски високи цени. Вашингтон смета дека прекинот на европската набавка на нафта може да предизвика потреси на ценовниот пазар, што би можело повторно да скокне како на почетокот на руската воена операција во Украина. Русија сега продава 7,4 милиони барели дневно, што претставува околу 10 отсто од уделот на пазарот.
Поради ова, Вашингтон поведе иницијатива за утврдување максимална цена за барел руска нафта, со цел да се намали профитот што Москва го остварува од продажбата на нафта. Дискусијата за ова се води на ниво на групата Г7, но не е завршена. Високиот претставник на ЕУ на 6 октомври објави: „Советот на ЕУ одлучи дека во случај брод што плови под знаме на трета земја да носи руска сурова нафта или нафтени производи купени по цена над горната граница, треба да му се забранат обезбедување техничка помош, брокерски услуги, финансирање или финансиска помош, вклучувајќи и осигурување, поврзано со секој иден транспорт на сурова нафта или нафтени деривати со тој брод“.
Значи, ако се договори максимална цена на нафтата на ниво на Г7, тогаш ЕУ ќе дозволи да се транспортира, но само ако се купи под максималната цена. Во случај на прекршување на санкциите, компаниите ќе бидат силно погодени. Три членки на ЕУ, Грција, Кипар и Малта, кои имаат големи флоти со танкери, како што објави „Еурактив.ком“ на почетокот на октомври, ќе добијат „значителни отстапки во однос на нивните економски грижи, вклучувајќи и процена на влијанието, што треба да се направи пред да стапат во сила ограничувањата на цените“.

Последните информации велат дека САД сега се склони да ја направат горната цена на барел руска нафта малку повеќе од 60 долари (првите процени беа во опсег од 40 до 60 долари), така што, доколку е прениска, не би ја охрабрил Москва да го намали производството, што би ја зголемило цената на нафтата. Цената на барел брент во понеделникот наутро беше нешто повеќе од 92 долари.
Санкциите стапуваат во сила во една или друга форма и ќе бидат удар за Русија, за трговците и за превозниците со танкери. Се разбира, ниту тие не седеле мирни, туку, како што пишува „Блумберг“, „во сенка се составува голема флота танкери, со непознати сопственици, за да им служи на интересите на Москва“. Така, би се формирала „сложена и таинствена мрежа на бродови, сопственици, пристаништа и безбедни премини во кои доминираат субјекти подготвени да соработуваат со Русија“. Кристијан Ингерслев, главен извршен директор на „Маерск танкерс А/С“, компанија што управува со флота од 170 брода, од кои ниту еден не е во служба на Русија, изјави за „Блумберг“: „Ако погледнете колку бродови им се продадени во изминатите шест месеци на непознати купувачи, многу е јасно дека се изгради флота за транспорт на руска нафта“. Станува збор за танкери со различен капацитет што пловат повеќе од 15 години или уште постари.

Медиумите пренесуваат дека неоткриените сопственици на танкерите што, наводно, ќе ја сочинуваат флотата се со седиште во Дубаи, Хонгконг, Сингапур и Кипар. Во проектот е вклучен и рускиот бродосопственик „Совкомфлот ПЈСЦ“.
Дополнителен модел за заобиколување на санкциите е добро познатиот механизам за пренос на нафта од брод на брод некаде на морето. Тоа беше усовршено од Исламската Република Иран, која на тој начин ѝ продава нафта на Народна Република Кина и покрај американските санкции. Тешкотијата во овој поглед е локацијата, бидејќи танкерите со руска нафта најчесто испловуваат од пристаништата на Балтичко Море, каде што не можат да одат најголемите танкери. Претовар, според тоа, не е возможен додека не се излезе од Балтичко Море, а ќе биде неопходно да се избегне и евентуалната контрола на членките на ЕУ по должината на брегот на Атлантикот.
Не треба да има сомнеж дека заинтересираните страни за прекршување на санкциите веќе истражиле каде би можело да се изврши претоварот бидејќи тоа треба да биде област со мирно море и без нагли промени на времето. Упатените во оваа проблематика укажуваат дека супертанкер, веројатно, ќе чека на дефинирана точка во која неколку помали бродови ќе ја претоварат нафта. Но користењето повеќе бродови ги зголемува трошоците за транспорт.

Конечно, можеби доаѓа и клучниот проблем на карго-осигурувањето. „Повеќето танкери се заштитени од ризици, вклучувајќи и од излевање нафта, од 13 организации членки во рамките на Меѓународната група на пи енд ај клубови, од кои многу се во Европа. Санкциите на ЕУ значат дека компаниите од Унијата ќе мора да престанат да им обезбедуваат покритие, а самата Меѓународната група не би можела да смета на реосигурување од компании од ЕУ. Европа е центар за осигурување и реосигурување, без што сопствениците ризикуваат да немаат заштита од ризици, вклучувајќи и излевање нафта. Ова го прави почитувањето на санкциите на ЕУ – и ограничувањата на цените – многу поларизирачко и неизвесно прашање за сопствениците на танкери“.

Подготвил: Mарјан Велевски