Засега нема ништо од легализацијата на канабисот во Европа. Оптимизмот во ЕУ во врска со легализацијата на канабисот се промени по една „мистериозна средба“ во Брисел… „Никому не му е јасно зошто Германците се откажаа од своите планови“, изјави во јавноста Дориен Рукмејкер, холандска пратеничка во Европскиот парламент

Канабисот е „најпопуларната недозволена дрога во Европа“. Според статистичките податоци, околу 28 отсто од Европејците го консумирале ова растение во текот на својот живот. Французите се на врвот, со речиси 45 отсто од населението. Во Германија, на пример, поддршката за легализација се зголеми од 30 отсто во 2014 година на 61 отсто минатата година. Но, сепак, иако многумина европски аналитичари сметаа дека „легализацијата ќе помине во Европскиот парламент“, се случи нешто сосема обратно.

Кој ја подигна рачната кочница за легализација на марихуаната во ЕУ?

Германија долго време ги подготвуваше и планот и теренот за целосна легализација на марихуаната во ЕУ. Германскиот министер за здравство до неодамна беше оптимист за легализацијата.
Но плановите на Германија да премине кон целосна легализација беа ненадејно прекинати минатиот месец. По разговорите со Европската комисија, планот одеднаш се промени. А според аналитичарите, без германска поддршка, европските реформи по ова прашање изгледаат неверојатни во блиска иднина.
Дориен Рукмејкер, холандска членка на Европскиот парламент, која е вклучена во меѓупартиската група на Европскиот парламент за легализирање на канабисот за лична употреба, изјави во јавноста дека „никому не му е јасно зошто Германците ги напуштија своите планови“.
Од друга страна, Мартин Јелсма од Транснационалниот институт, аналитички центар со седиште во Холандија, анализирајќи таков развој на настани, тврди дека „причината за ова сценарио е што предлозите не се во согласност со рамковната одлука на Советот на ЕУ за дроги од 2004 година, ниту со трите релевантни договори на ОН“.
– Рамковниот договор на ЕУ ги усогласи минималните казни за прекршоци за трговија со дрога низ целиот блок, но остави одредена правна дискреција на земјите-членки кога станува збор за лична употреба и поседување.

Нареден чекор: Пилот-проекти во кои марихуаната би била легална, а би се дозволила локална продажба

Германија сега планира втора фаза, која би вклучувала пилот-проекти каде што би се дозволила локална продажба. Деталите за овој план сѐ уште не се објавени. Според познавачите на оваа проблематика се чини дека „Германија ќе ја следи Чешка, земја што исто така покажува висок степен на ентузијазам за можната либерализација на нејзините закони за канабис“. Но истите соговорници истакнуваат дека „правниот статус на овој пилот-план, сепак, е многу несигурен“.
Гореспоменатиот Мартин Јелсма од Транснационалниот институт од Холандија вели дека би било корисно доколку „Европската комисија даде некакви индикации за својот став по ова прашање“.
На прв поглед планот за легализација на марихуаната во Европа навистина ги крши правилата на ЕУ, но, според Јелсма, „бидејќи тие се временски ограничени, Европската комисија можеби нема да сака да поведе прекршочна постапка“.
Според други аналитичари, пресвртот во германската политика за канабис е тежок удар за целосната европска легализација на канабисот! Тие тврдат дека клучен фактор за тоа може да биде тоа што „со војната во Украина и високата инфлација со која Европејците се борат секојдневно, исчезнаа и амбициите за регулаторната либерализација за канабисот“. Според нив, во моментот кога многу покрупни геополитички работи се случуваат, а ја тангираат и самата ЕУ, прашањето на легализација на марихуаната е далеку надвор од фокусот.