Федерални имиграциски агенти застрелале и раниле 28-годишен маж во њујоршката населба Марбл Хил, додека тој бил во автомобил со петгодишно дете, соопштија градските власти, пренесе „Си-ен-ен“.
Според американското Министерство за внатрешна безбедност, припадници на Службата за имиграција и царинска контрола (ICE) спроведувале операција за апсење лице од Доминиканската Република, кое претходно било осудувано за кривични дела.
Во текот на акцијата, осомничениот бил застрелан и повреден, по што бил пренесен во болница. Петгодишното дете, кое се наоѓало во автомобилот, не било повредено и било предадено на член на семејството.
Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, побара од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да ги прекине операциите на федералната имиграциска служба во градот.
Од враќањето на Трамп на претседателската функција, федерални имиграциски агенти застрелале најмалку 21 лице, од кои седум починале. Инцидентите предизвикаа протести во повеќе делови на Соединетите Американски Држави.
































