Кој ќе го заслужи привилегираното место да биде дел од иднината?

Во научната фантастика често се поставува централното прашање која е суштината на човекот и дали таа бидува преиспитана во евентуално апокалиптично сценарио. Во научната фантастика, базична научна парадигма е антропологијата, а прашањата најчесто го доведуваат под прашање човечкиот бит, неговата позиција, што е тоа што од човекот ќе остане како „Архимедова точка“ на која можеме да го дефинираме нужниот и доволниот услов за човечкото постоење. Во филмот „Филозофи“ (Philosophers), познат исто како и „По темнината“ (After the dark), централното прашање е кој има билет за влез во иднината, каде што има резервирано место само за неколкумина. Во тој бункер од иднината, кој е митолошка аналогија на Ноевата арка, треба да влезат неколкумина. Тука се поставува прашањето кои се тие неколкумина. Кој е критериумот по кој ги избираме оние што заслужуваат билет за иднината? Кој ја мери вредноста (субјект или инстанца)? Но и дали е важен само опстанокот или и пренесувањето на целото цивилизациско богатство? Во сите можни сценарија и мисловни експерименти, професорот го убива поетот, без притоа да ја даде шансата за демократски избор на тие што се важни и корисни. Впрочем, поетот, како некој што го создава убавото, не само што е потребен туку е и непожелен во општеството од иднината. Едно од толкувањата е дека тоа општество во иднината што ќе го прибере привилегираното малцинство треба да ги дисциплинира луѓето на „мора“ и „треба“ и местото за убавото и естетиката може само да го отежне прифаќањето на нужноста. Второто толкување е дека во општеството од иднината повеќе нема да се важни историјата, меморијата, цивилизациското богатство, ќе биде важна способноста да се преживее, односно да се пролонгира човечкиот живот што е можно подолго. Човештвото како некоја универзална вистина ќе се базира само на раскажани приказни преку дурбинот на индивидуалното живеење.

Во бункерот од иднината, човекот вреди онолку колку што е корисен за својата заедница. Неговото достоинство, сепство, авторефлексија воопшто не се важни за светот, поточно за оние што ги поставуваат навидум објективните критериуми за проценување на нечија вредност. Корисниот човек е ресурс што може да се употреби во конкретни цели, тој престанува да биде цел сам по себе, Аристотеловата ентелехија.
Покрај преиспитување на позицијата на човекот и неговата суштина, главното прашање е што сакаме да преживее, ако тоа не се историјата, наследството, поезијата и уметноста. Дали се тоа само способностите за преживување, лекување и изградба на сосема нови конструкти без да ја зачувуваме колективната меморија во нив? Дали општеството од иднината како проект на сосема нова изградба воопшто ќе личи на човечкото општеството или ќе биде општество во кое секој ја знае својата функција (како во општеството на пчелите). Совршена фиксираност во кој никој не ја менува својата улога, за да не ја наруши структурата. Во тој момент самата структура станува многу поважна од индивидуалната човечка суштина. Или како што би кажал саркастично Волтер, потребно е умножување на индивидуалното страдање бидејќи само така ќе излезе на површина општото добро, апсурдизирајќи го наративот на Лајбниц дека „овој свет е најдобар од сите можни светови“.
Можеби затоа вистинското прашање е што ќе остане од човекот откако ќе го обезбеди својот опстанок. Ако билетот за иднината се плаќа со откажување од поезијата, слободата и сепството, тогаш бункерот станува место во кое човештвото ја преживува сопствената смрт. Телата продолжуваат да живеат, структурата функционира, но исчезнува способноста да се праша зошто сето тоа треба да постои. Во таквата иднина, убиството на поетот е симболично убиство на можноста човекот да биде нешто повеќе од својата доделена функција.