Фото: Твитер/МНР на Русија

Изјавите на претставниците на ЕУ по самитот ги прекршуваат принципите на кои некогаш се градеше Унијата, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

– Настанот на 3-ти февруари во Киев уште еднаш потврди дека ЕУ продолжува да го поддржува неонацистичкиот режим во Киев, со цел да ја ослабне Русија и да им служи на хегемонистичките аспирации на САД и НАТО – рече таа.

Според неа, Унијата ѝ дава на Украина европска перспектива со кршење на сопствените барања кон кандидатите и прокламирање на „заеднички вредности“, со што се солидаризира со сузбивањето на различните мислења, кршењето на слободата на говорот и јазикот и конфесионалните права во Украина.

Притоа, таа ја нагласува посветеноста за целосно почитување на правата на националните малцинства.

Портпаролката рече дека на сите учесници на самитот им претстои сурово разочарување – целите на специјалната операција ќе бидат постигнати.

– Повиците на Брисел за мир се лицемерни во услови кога тој изјавува подготвеност да инвестира во продолжување на вооружените акции – посочи Захарова.

Вчера во Киев се одржа самитот ЕУ-Украина со учество на претседателот на Европскиот совет, Европската комисија и шефот на дипломатијата на Европската унија.

Лидерите на европските институции ветија континуирана поддршка за Украина, воведување нови санкции против Русија, работа на „механизам за кривично гонење на злосторствата за агресија“ и анализа на можноста за користење замрзнати руски средства за обнова на Украина.

Зборувајќи за можноста Украина да влезе во Европската унија во блиска иднина, лидерите на ЕУ беа резервирани и истакнаа дека нема строги временски рамки за таков процес и дека Украина треба да спроведе реформи.