Фото: Официјален сајт на Претседателот на Турција

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изрази надеж дека страните на Црноморскиот договор за жито ќе го продолжат договорот, кој истекува во понеделник.

– Се подготвуваме да бидеме домаќини на рускиот претседател Владимир Путин во Турција во август. Ние сме на исто мислење за продолжување на договорот за жито –  рече Ердоган.

Тој додаде дека генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш испратил писмо до Путин.

– Се надевам дека со ова писмо ќе обезбедиме продолжување на договорот за коридорот за жито со заеднички напори на нас и Русија – изјави Ердоган на новинарите, а пренесе „Анадолија“.

Руските власти навестија дека може да го блокираат продолжувањето на договорот за жито, жалејќи се дека делови од договорот што овозможуваат руски извоз остануваат неисполнети.