Фото: Твитер

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во интервју за регионални медиуми изјавил дека го поканил својот руски колега Владимир Путин во Турција, со предлог да биде домаќин на двете страни за да се најде дипломатски пат кон мирот.

Очекувам одговор од Москва, додал турскиот претседател.

Тој изјавил дека е потребен дијалог во однос на безбедносната загриженост на Русија, но и дека е неопходно да и се објасни на Москва дека некои нејзини барања не се остварливи.

– Се надевам дека Русија нема да изврши вооружен напад или да ја окупира Украина. Таквиот чекор не би бил мудар ниту за Русија, ниту за регионот. Потребен е дијалог во кој Русија ќе биде слушната и ќе се отстранат причините за нејзината разбирлива загриженост – изјавил Ердоган, додавајќи дека Турција ќе мора да дејствува како членка на НАТО во случај на напад, пренесуваат медиумите во регионот.

Истите анализираат дека Анкара има добри односи и со Моква и со Киев, но се противи на руската политика во Сирија и Либија, како и на анексијата на Крим. Додека тесно соработува со Русија на енергетиката, Анкара и продаде софистицирани дронови на Украина, стои во новинарските записи.

– Повторувам, ние сме подготвени да го направиме она што е потребно и тие пораки им ги пренесов и на претседателот Путин и на претседателот Зеленски – кажал Ердоган, додавајќи дека и двете страни биле запознаени со искреноста и добрите намери на Турција.

Анкара се понуди да биде посредник уште во ноември, а дипломатски извори минатата недела рекоа дека и Украина и Русија се отворени за таква улога на Турција во решавањето на кризата.

Ердоган најави дека на почетокот на февруари ќе го посети Зеленски во Украина и дека наскоро ќе се види или слушне со Путин.

Ситуацијата во источна Украина е напната од ноември. Киев, Вашингтон и НАТО наведуваат дека Русите акумулираат сили на границата со Украина, но и во Белорусија и дека е можно да се планира инвазија на Украина.

Русија го негира тоа, но бара безбедносни гаранции, меѓу другото, дека Украина нема да стане членка на НАТО.

Москва вчера доби писмени одговори од САД и НАТО за бараните безбедносни гаранции.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека одговорот е во согласност со она што тие јавно го кажале и дека политиката на отворени врати останува политика на Алијансата.

Тој вели и дека одговорот го отвора патот за дијалог и демократија, а што ќе се случи понатаму зависи од одговорот на Русија. Тој додава дека ќе бидат подготвени за секое сценарио.

Амбасадата на САД во Киев, инаку, ги повика американските граѓани да ја разгледаат можноста да ја напуштат Украина поради непредвидливите настани што би можеле да следат.