Фото: Илустрација/Принт-скрин

Северна Кореја повторно тестираше подводно беспилотно возило способно да носи нуклеарно оружје, јавија денеска државните медиуми.

Северна Кореја тестираше беспилотно подводно возило наречено „Хаил-2“ (Haeil-2) меѓу 4 и 7 април, јавија државните медиуми, повеќе од една недела откако го претстави новиот подводен дрон „Хаил-1“, чие име се преведува како „цунами“.

Севернокорејската државна новинска агенција КЦНА соопшти дека за време на подводното тестирање, дронот поминал 1.000 километри за 71 час и 6 минути и успешно погодил симулирана цел.

– Тестот совршено ја докажа сигурноста на подводниот систем за стратешко оружје и неговите способности за смртоносен напад – соопшти КЦНА.

Некои аналитичари се сомневаат дали подводното возило е подготвено за употреба, но КЦНА јави дека системот ќе помогне да се спречат воените дејствија против Северна Кореја.

Фотографиите што ги објавија државните медиуми покажуваат голем објект со темна боја во форма на торпедо, траги од неговата траекторија и експлозија на површината на морето.

Северна Кореја со месеци редовно тестира различно оружје и ја зголеми својата активност во последните недели како одговор на заедничките воени вежби на САД и Јужна Кореја.

Пјонгјанг неодамна претстави нови, помали нуклеарни боеви глави и лансираше интерконтинентална балистичка ракета што може да погоди цел каде било во САД.