Фото: Игор Бансколиев

Опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ, Демократски сојуз, Алтернатива и Левица соопштија дека нема да учествуваат во работната група за уставни измени.

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска повтори дека нема да учествуваат во работната група за уставните измени, оценувајќи дека во оваа фаза тоа е беспредметно и оти власта сака да го политизира процесот.

По повикот што вчера повторно го упати вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ до ВМРО-ДПМНЕ да се вклучат во процесот и во рамки на работната група да ги кажат ставовите, Мицкоски рече дека повеќе нема да се занимава со тоа прашање.

– Нема да учествуваме во работната група, тоа сме го кажале многу пати во минатото, ги кажавме и причините затоа што работата на оваа работна група сега во оваа фаза е тотално беспредметна. И врвни правни експерти го коментират тоа, дека овој прв чекор е практично утврдување на потреба за отворање на Уставот и доколку има две третини тогаш веќе се формира Уставна комисија, па се разгледуваат амандамни, се драфтираат, итн… Сега е тотално беспредметно, сакаат да го политизираат процесот. Еве уште еднаш јавно го кажувам ставот, и повеќе нема да се занимавам со тоа прашање, дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работатата на Комисијата која ја формира Министерството за правда, а има цел да работи на амандманите кои се потребни за уставните измени – рече Мицкоски, на новинарско прашање при посетата на Булачани.

Коментирајќи го отфрлањето од власта предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за уставни измени според хрватскиот модел, Мицкоски рече дека иако за тој модел претходно зборувале премиерот Димитар Ковачевски, министерот за надворешни работи, претставници на меѓународната заедница, сега од Владата ретерираат.

– Свесни дека може да трпиме политичка штета излеговме во јавноста и кажавме во ред, го прифаќаме хрватскиот модел и истиот тој модел да го примениме за нашиот Устав, но сега од страна на Владата имаме ретерирање, односно чекор назад – нагласи Мицкоски.

Демократскиот сојуз сметa дека пред да почне постапка зa внесување на Бугарите во Уставот, неопходно е од Бугарија да се обезбеди реципроцитет, Македонците да бидат признаени и да можат да се организираат и здружуваат преку формирање културни центри, здруженија на граѓани, политички партии и други форми на асоцијации, заради негување и афирмација на културните, јазичните, историските и другите обележја, права кои во Македонија ги имаат сите етнички заедници, вклучително и Бугарите.

Сѐ додека Бугарија го негира македонскиот народ, како и автентичноста на македонскиот јазик, Република Македонија не треба да почнува постапка за промена на Уставот. Поради тоа, Демократскиот сојуз нема да номинира свој претставник во работната група за промена на Уставот.

Демократскиот сојуз бара Владата на Република Македонија директно, како и со помош на ЕУ и САД, да инсистира на признавање на Македонците во Бугарија.

Признавањето на Македонците во Бугарија ќе биде мал чекор на официјална Софија, но со историски димензии и почеток на нормализација на односите помеѓу Македонците и Бугарите, како и помеѓу двете држави, Македонија и Бугарија.

Алтернатива исто така соопшти нема да учествува во работната група по поканата на Министерството за правда.

За нас не може да има работни групи за составување или подготовка на уставните измени без да има претходно политички консензус помеѓу политичките партии за поддршка на тие измени, преку кои треба да се отвори патот за интеграција на земјата во Европската унија. Освен тоа, Алтернатива не може да седне на иста маса и да дискутира на оваа тема со партии кои уште не се изјасниле за нејзиниот предлог-амандман за борба против политичката корупцијата. Се додека во судството секој ден се соопштува за предмети на политичката корупција кои застаруваат, а Владата и другите политички партии молчат за нашиот предлог за уставно санкционирање на незастарувањето на делата поврзани со политичка корупција, ние немe никаква обврска да одговориме на покани за сликање или за глумење дека сме за уставни измени.  Ако некој сака да ја види Алтернатива како дел од тие дебати, првин треба да понуди реална можност за политички консензус, а како второ на дневен ред да биде нашиот уставен предлог-амандман за борба против корупцијата – соопштија од Алтернатива.

Левица одлучно и со индигнација ја одбива поканата за учество во т.н. работните групи за најавената повторна насилна промена на Уставот, наведуваат од партијата.

– Ултиматумот на бугарските служби и агендата на Софиската платформа која ја поткрепува пробугарската власт на ДУИ и СДС, не ја прифаќаме и истата мора да биде остро одбиена од сите релевантни политички чинители на кои државните интереси им се од највисок приоритет. Спротивставувањето на ова потчинување пред соседните апетити претставува антифашистички чин, независно од сите лаги за европска извесност која квислиншката власт лажно ја ветува. Затоа, повеќе од било кога, потребна е одбрана на државата и македонските национални интереси. Во нивна одбрана Левица, ако треба, ќе застане и сама – се вели во соопштението од Левица, во кое се додава дека отварањето на Уставот е предавство.

В понеделник истекува рокот што Министерството за правда го постави во дописот до институциите и политичките паретии да номинириаат претставници во работната група за измени на Уставот. Дописот беше испратен во вторникот до Кабинетот на Претседателот на државата, Министерството за надворешни работи, Секретаријатот за европски прашања и парламентарните политички партии кои треба да одговорат најдоцна до 10 април. Во групата се повикани да учествуваат и експерти од областа на уставно право.

Претседателот Стево Пендаровски завчера потврди дека негов претставник во работната група за измени на Уставот ќе биде професорот од Правниот факултет Александар Спасов, кој е негов правен советник. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, пак, кажа дека најдоцна до понеделник ќе биде дефинирано и соопштено името на претставникот од СЕП кој ќе биде вклучен во работната група за уставни измени. Во меѓувреме, Софија повтори дека уставните измени се внатрешно прашање на Македонија.