Фото: Архива

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ го честита 8 април, Меѓународниот ден на Ромите, укажувајќи дека Ромите се нераскинлив и исклучително важен и вреден дел од македонскиот мозаик.

– Најголемата европска етничка заедница има значаен придонес во различноста и во културното наследството и на Северна Македонија. Едно сме, и во партнерство и искрена соработка продолжуваме да градиме „едно општество за сите“ и да ја подобруваме положбата на Ромите – порача Маричиќ, информираат од неговиот кабинет.

Тој повика сите „работејќи заеднички да го отклучиме големиот потенцијал на Ромите во корист на целото општество“ и да се направи суштинска интеграција на Ромите во сите општествени сфери.

-Тоа ќе биде важно за напредокот на Северна Македонија во процесот на преговори со ЕУ. Еден од клучните предуслови ќе биде и прашањето за ефикасно и одржливо решавање на проблемот на ромското и египетското население, во поглавјата социјална политика и вработување, правда и основни права и правда, слобода и безбедност, укажува вицепремиерот за европски прашања – Маричиќ

Во објава на Маричиќ на социјалните мрежи по повод меѓународниот ден на Ромите стои дека сите програми за преку-гранична соработка во кои учествуваме во рамки на ИПА 3, односно програмите со Србија, Албанија, Косово, Грција и Бугарија за 2021-2027 година, го тангираат прашањето за ранливите групи, особено за Ромите кои живеат во прекуграничните области.

Тој на настанот „Европски перспективи и квалитетен развој на ромската заедница во Северна Македонија“, кој се одржа во пресрет на Меѓународниот ден на Ромите, кажа дека фондовите на Европската Унија се добра можност за финансирање проекти од областа на инклузија на ромското население, кои треба да дадат вистински и видливи резултати и дека во следниот период неопходно ќе биде максимално да се користат средствата на ЕУ во оваа област, со вклучување на сите потенцијално заинтересирани поединци, здруженија, ромски невладини организации, државни институции.

– Ако сакаме општество со еднакви можности, мора заедно да ја зачуваме културната и етничката различност на нашата земја. Наша обврска е, кога станува збор за развојот на едно демократско општество, како држава која преговара со Европската Унија, да спречиме секаков вид на дискриминација и да направиме сите народи и етнички заедници кои живеат во Северна Македонија да се чувствуваат еднакви, со исти можности и права – рече Маричиќ.

Претседателот Стево Пендаровски по повод Меѓународниот ден на Ромите ‒ 8 Април, упати честитка до припадниците на ромската заедница во Македонија.

– Почитувани сограѓани, Ромската заедница е нераскинлив дел од мултикултурниот мозаик на нашето општество и потребно е заеднички да продолжиме да ги следиме европските вредности за еднаквост и за почитување на фундаменталните права на сите граѓани подеднакво. Со новата Стратегија за инклузија на Ромите 2022 – 2030 година, имаме план за насочување на политиките на државата со цел заеднички да ги надминеме децениските проблеми. Учеството на ромската заедница во сите општествени, културни и политички текови е нужно за градење праведно, демократско и мултиетничко општество. Сите ние, а особено носителите на функции, имаме генерациска одговорност да го подобриме квалитетот на животот на сите граѓани подеднакво – стои во честитката од Пендаровски.

Ми претставува чест и задоволство од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и од свое лично име да Ви го честитам овој важен ден за ромската заедница, Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април. По тој повод, ја користам приликата да Ви посакам на сите вас почитувани граѓани припадници на ромската заедница, да го гледате овој ден како признание и потврда од страна на државата, институциите, вашите сограѓани и општеството во целост дека вие сте неизоставен дел од цел овој мозаик, се вели во честитката на претседателот на Собранието, Талат Џафери, за 8 април, меѓународниот ден на Ромите.

Тој посочи Ромите со нивниот придонес и активност се важен чинител во остварувањето на определбата на Македонија за полноправно членство во европското семејство, со креирање на општество втемелено на идентични вредности како на Европската унија.

– Нека оваа година биде година на промени кон подобро за сите граѓани на Република Северна Македонија, нека биде година во која ромската заедница и самата ќе си го отвора патот кон подобрување на квалитетот на живот за себе, за своите деца со масовно интегрирање во општественото јадро. Наша обврска како држава и државни институции е да бидеме до Вас во секој чекор напред. Честит 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите – стои во честитката на Џафери.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на сите пријатели и сограѓани од ромската заедница, во свое и во име на сите вработени во Министерството за внатрешни работи упатува искрени честитки по повод денешниот голем датум – 8 април, Меѓународниот ден на Ромите.

– Празник што без никаков сомнеж навистина ги заслужува почитта и искреното уважување од сите нас, од сите наши граѓани. Најголемото богатство на една земја се нејзините луѓе, а Република Северна Македонија во тој поглед има исклучително голема предност, имајќи ја предвид нејзината мултиетничност и мултиконфесионалност, коишто како единство на различности, уште повеќе го афирмираат и унапредуваат нејзиниот граѓански карактер. Во тој колорит Ромската заедница, нашите сограѓани Роми, се суштествен дел кој го прави нашиот граѓански мозаик целосен. Како неизоставен сегмент на нашето општествено ткиво, ви посакувам, во годините пред нас, сплотени заедно, побрзо и подинамично да го достигнеме потребниот степен на општествено-институционална етаблираност што го заслужуваат сите припадници на ромската заедница – објави Спасовски на Фејсбук.


Ибраимовски: Властите го рушат угледот на ромските политички партии

Властите направиле грешка во начинот на одбележување на Меѓународниот ден на Ромите, порача претседателот на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), Самка Ибраимовски, на прес-конференција одржана во Тетово.

– Да им порачам на власта, на премиерот, на претседателот на државата дека традицијата од 30 години од осамостојување на Македонија вчера го рушија тој углед на ромските политички партии во РСМ, каде секоја година имавме покана од претседателот на државата и премиерот на разговор во делот на проблемите на ромската заедница. Ги собраа невладините организации, кои на грбот на ромскиот народ заработија голем износ пари и поединци кои ги викнаа на прослава. Јас сум разочаран. Не дека ќе постигнавме којзнае што, ќе се видиме со претседателот и премиерот – рече Ибраимовски.

Грешката, како што рече, што ја направија ќе има големи последици.

– По рамазанските пости ќе организираме протести, во смисла на дискриминација на Ромите, политички и во секој поглед, се уште е присутна – истакна Ибраимовски.

По повод Меѓународниот ден на Ромите, Ибраимовски потсети на првиот партиски претседател Фаик Абди и неговиот придонес за унапредување на состојбите кај ромската заедница.