Трамп смета дека е лошо Америка да ги троши својата крв и богатство во Европа. Така, тој се закани дека ќе ја заврши војната во Украина и ќе го уништи НАТО за еден ден, можеби со напуштање на обврската нападот врз една земја да се третира како напад врз сите. На Блискиот Исток, Трамп веројатно безрезервно ќе го поддржува Израел, колку и да додава масло на огнот на конфликтот во регионот. Во Азија, тој можеби е подготвен да направи договор со кинескиот претседател Си Џинпинг за да го напушти Тајван, затоа што не гледа зошто Америка би војувала со нуклеарна суперсила поради мал остров
Зошто британскиот неделник „Економист“ смета дека доколку следниот американски
претседател биде Доналд Трамп, тој ќе биде закана над заканите за сиот глобален свет?
Во продолжение издвојуваме уште една карактеристична анализа на реномираниот медиум „Економист“. Таа е исклучително
интересна, бидејќи, како што велат во „Економист“, „анализите никогаш не биле во сенка на ниту еден човек, како што е случајот
овој пат со Доналд Трамп“. Анализата ја пренесуваме во целост за читателите на „Нова Македонија“.
Темна сенка надвисна над светот. Годинава по 38. пат „Економист“ ги објави своите предвидувања за наредната година, но анализата на угледниот неделник никогаш не била во сенка на ниту еден човек, како што е случајот со Доналд Трамп овој пат. Луѓето полека почнаа да сфаќаат дека победата на Трамп на изборите идниот ноември е сѐ поверојатна.
Трамп доминира на републиканските прелиминарни избори. Некои анкети го ставаат пред Бајден во клучните држави каде што е можен пресврт. Во еден од нив, 59 отсто од гласачите би сакале да му ја доверат економијата на Трамп, а само 37 отсто на Бајден. Многубројните тужби и судски процеси, барем за време на прелиминарните избори, само ја зацврстија позицијата на Трамп. Демократите со децении се потпираа на црнечката и шпанската поддршка, но сега значителен број од нив ја напуштаат партијата. Секое потсопнување на кој било од кандидатите во следните 12 месеци би можело да го одреди исходот на трката што светот нервозно ја следи.
Многу е опасно времето човек како Доналд Трамп повторно да тропне на вратата од Овалната соба. Во САД демократијата е во неволја. Тврдењето на Трамп дека тој всушност победил на изборите во 2020 година е повеќе од лага: тоа е цинично коцкање да покаже дека може да ги заплаши и манипулира своите сонародници – и да успее.
Америка, исто така, се соочува со зголемени непријателства на надворешнополитичкиот фронт: тука се војната во Украина, Иран и неговите лојални милитантни групи на Блискиот Исток и Кина и нејзиниот однос со Тајван. Тие три земји – Русија, Иран и Кина – лабаво ги координираат своите напори и споделуваат слична визија за нов меѓународен поредок во кој силата е секогаш во право, а автократите се безбедни.
Бидејќи републиканците на МАГА (Make America Great Again – Да ја направиме Америка повторно голема – слоганот што го афирмираше Трамп во победничката кампања во 2016 година) го планираат неговиот втор мандат со месеци, Трамп 2 би можел да биде поорганизиран од Трамп 1. Луѓето што му се најлојални би ги зазеле најважните позиции. Трамп би бил целосно слободен да се посвети на одмазда, економски протекционизам и театарски екстравагантни афери. Не е ни чудо што изгледите за втор мандат на Трамп ги фрлаат во очај светските парламенти и одбори. Но очајот не е план. Времето да се воведе ред во анксиозноста одамна помина.
Сепак, најголемата закана што ја претставува Трамп е за неговата сопствена земја. Кога би ја вратил власта по негирање на резултатите од 2020 година, тој сигурно би инсистирал на својот став дека само губитниците дозволуваат да бидат врзани со нормите, обичаите и саможртвата што ја сочинуваат нацијата. Со желба да ги гони своите непријатели, Трамп ќе води војна против секоја институција што му стои на патот, вклучувајќи ги судовите и Министерството за правда.
Путин и Си Џинпинг би биле среќни
Победата на Трамп следната година, исто така, ќе има длабоки импликации во странство. Кина и нејзините сојузници би се радувале затоа што би имале доказ дека американската демократија не функционира. Доколку Трамп ги прекршил правилата на изборниот процес и граѓанските права во САД, неговите дипломати во странство не би можеле да расправаат поинаку.
Тоа би го потврдило сомнежот на глобалниот југ дека американските повици да се направи она што е правилно се всушност обично лицемерство. Америка би станала само уште една голема сила.
Протекционистичките инстинкти на Трамп исто така би биле неограничени. Во неговиот прв мандат, економијата донекаде напредуваше и покрај царините за кинески стоки. Неговите планови за втор мандат би биле уште поштетни. Тој и неговите соработници размислуваат за универзална царина од 10 отсто за увозот, што е повеќе од трипати повеќе од денешното ниво. Дури и ако Сенатот успее да го спречи, протекционизмот оправдан со експанзивниот поглед на националната безбедност ќе ги зголеми цените за Американците.
Во својот прв мандат, Трамп, исто така, ја поттикна економијата со намалување на даноците и плаќање додатоци за ковид. Но сега Америка има буџетски дефицит од воени размери, а трошоците за сервисирање на долгот се уште повисоки. Даночните намалувања би ја поттикнале инфлацијата, а не растот.
На меѓународен план, првиот мандат на Трамп беше подобар од очекуваното. Неговата администрација испорачуваше оружје на Украина, се обиде да постигне мировен договор меѓу Израел, ОАЕ и Бахреин и ги исплаши европските земји да ги зголемат трошоците за одбрана.
Американската политика кон Кина стана поостра. Ако замижите пред некои работи, вториот трансакциски претседателски мандат може да донесе некои придобивки. Рамнодушноста на Трамп кон човековите права може да ја направи саудиската влада поподготвена за соработка по завршувањето на војната во Газа и да ги зајакне односите со владата на Нарендра Моди во Индија.
Но вториот мандат би бил поинаков, бидејќи светот се промени. Нема ништо лошо во тоа што земјите се трансакциски: тие се обврзани да ги стават сопствените интереси на прво место. Сепак, силната желба на Трамп да постигне деловен договор и неговото чувство за американските интереси немаат никаква основа во реалноста, ниту пак се водени од некакви фундаментални вредности.
Трамп смета дека е лошо Америка да ги троши својата крв и богатство во Европа. Така, тој се закани дека ќе ја заврши војната во Украина и ќе го уништи НАТО за еден ден, можеби со напуштање на обврската нападот врз една земја да се третира како напад врз сите. На Блискиот Исток, Трамп веројатно безрезервно ќе го поддржува Израел, колку и да додава масло на огнот на конфликтот во регионот. Во Азија, тој можеби е подготвен да направи договор со кинескиот претседател Си Џинпинг за да го напушти Тајван, затоа што не гледа зошто Америка би војувала со нуклеарна суперсила поради мал остров.
Сознанието дека Америка ќе ја напушти Европа може да го поттикне Путин да продолжи да се бори во Украина и да ги напаѓа поранешните советски земји како Молдавија или балтичките земји. Без американски притисок, Израел веројатно нема да постигне внатрешен консензус за мировни преговори со Палестинците. Ако се претпостави дека Трамп не стои покрај своите сојузници, Јапонија и Јужна Кореја би можеле да стекнат нуклеарно оружје.
Ако продолжи да тврди дека Америка нема глобална одговорност да помогне во справувањето со климатските промени, Трамп би можел да ги уништи сите напори за нивно забавување. И тој е опкружен со кинески јастреби што веруваат дека конфликтот е единствениот начин да се зачува американската доминација. Фатена меѓу претседател што склучува договор и неговите функционери што поттикнуваат војна, Кина лесно може да направи погрешна пресметка за Тајван, со катастрофални последици.
Избори што се исклучително важни
Вториот мандат на Трамп би бил пресвртница на начин како што не беше првиот. Победата ќе докаже дека неговите најразорни инстинкти за моќ се точни.
Неговите планови ќе наидат на помал отпор. А бидејќи Америка би го изгласала иако знаела што е најлошото што може да го очекува, нејзиниот морален авторитет ќе падне.
За изборите ќе одлучуваат десетици илјади гласачи во само неколку држави. Во 2024 година, судбината на светот ќе зависи од нивните гласачки ливчиња. Р.Н.М.