Фото: Кабинет на претседателот

Политичарите го честитааат Денот на албанската азбука

Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука, упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Македонија.

– Пред 115 години, токму во нашата Битола, се случи унифицирањето на албанската азбука како клучен чекор за кодификацијата на албанскиот јазик, што е несомнено еден од најзначајните стожери на културниот и духовниот идентитет на Албанците – посочува Пендаровски во честитката.

Претседателот истакнува дека на почетокот на 20 век во тогашната Отоманска Империја највидните албански интелектуалци од целиот свет се собраа на конгрес којшто ќе резултира со историската одлука за усвојување на албанската азбука.

– Плодовите од овој круцијален политички и културен чин ги уживаат сите Албанци каде и да се. Ние сме горди што денес албанската заедница е нераскинлив дел од мултикултурна и мултиетничка Република Северна Македонија. Испраќајќи најискрени желби празникот да го поминете во мир, здравје, радост и благосостојба, посакувам уште еднаш да ги потврдиме заедничките уверувања за солидарност и за рамноправност, како клучни за просперитетот на нашата заедничка татковина – стои во честитката на претседателот Пендаровски.

Претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери, исто така упати честитка по повод Денот на албанската азбука.

– Дозволете во име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и во свое лично име да упатам искрени и срдечни честитки по повод 22 Ноември, Денот на албанската азбука до сите Албанци во Република Северна Македонија и насекаде каде не има распространети низ светот. Најсилното орудие на еден народ, унифицираната азбука со која пишуваме, читаме и го шириме албанскиот јазик, албанската култура, обичаи, посебности и фолклорните традиции го започна својот пат пред точно 115 години на Битолскиот конгрес, на кој се собра интелектуалниот врв на Албанците и донесе одлука за азбуката која стана катализатор на интелектуалното, културното и уметничкото издигнување на Албанскиот народ, но над сѐ, наш идентитетски знак. Ние, како одговорни политичари, имаме обврска да го чуваме и надградиме тој аманет на секој чекор, со секое дело и со секоја иницијатива што ја преземаме а младите генерации треба да ја знаат вредноста на жртвата што е направена за да се постигне да се биде на рамништето на етаблирани светски нации со цврст и неоспорен идентитет. Јазикот е моќна алатка која не обединува помеѓу себе, а во Република Северна Македонија, како земја во која се негуваат и почитуваат сите различности, тоа е додадена вредност која обединува и луѓе и идеи, придонесува во напредокот и развојот на државата. Драги сограѓани, Ви посакувам празникот да го поминете во убава и свечена атмосфера а убавиот збор нека биде водилка во нашето секојдневие. Честит 22 Ноември – Денот на албанската азбука! – се наведува во честитката на Џафери.

Албанското писмо станува дел од рамноправните, модерно формирани европски писма и дел од разноликото светското културно наследство. Обединети во различностите продолжуваме на патот на нашата интеграција во Европската Унија, напиша денеска на својот фејсбук профил министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, по повод Денот на албанската азбука – 22 Ноември.

Спасовски потенцира дека Денот на албанската азбука е празник кој има голема важност за сите Албанци, како доказ дека јазикот и писмото се мостови до другите заедници, традиции, култури и духовни наследства.

-Дозволете ми во свое и во име на МВР да ви го честитам Денот на албанската азбука, празник кој има голема важност за сите Албанци, како доказ дека јазикот и писмото се мостови до другите заедници, традиции, култури и духовни наследства. На 22 ноември 1908 година во Битола заврши заседавањето на учесниците на Битолскиот конгрес, истакнати албански личности од културниот и политичкиот живот, кои едногласно прифатија одлука за унифицирана албанска азбука. Параскеви Киријази, единствената жена која учествувала на Битолскиот конгрес и која подоцна го напиша првиот буквар на стандардизираниот албански јазик и азбука која што е во употреба до денешен ден – потенцира Спасовски.

Тој додава дека албанското писмо станува дел од рамноправните, модерно формирани европски писма.

-Впрочем, токму на тоа нè повикуваат и европските вредности, како наши вредности воспоставени со концептот Едно општество за сите – солидарност, соживот, меѓусебна почит. Нека е за многу години Денот на албанската азбука – пишува Спасовски на Фејсбук.