Повод: Најновите резултати од ПИСА 2025
- Кога децата престануваат да читаат со разбирање, кога математиката станува неразбирлива, кога науката се претвора во механичко
меморирање, а критичкото мислење во непотребен луксуз, тогаш не исчезнува само знаењето. Исчезнува способноста на генерации
во едно општество да ја разбираат сопствената реалност. А нација што не ја разбира реалноста лесно станува туѓ објект на управување.
Затоа образованието не е само секторска политика, тоа е прашање на национална безбедност, економска конкурентност, културен
идентитет, демократска зрелост и, во крајна линија, прашање на човековата слобода
На една од образовните институции во Јужна Африка стои мисла што, без оглед на тоа дали навистина му припаѓа на Нелсон Мандела, денес звучи пострашно од кога било: „За да се уништи една нација, не се потребни атомски бомби или ракети со долг дострел. Доволно е да се намали квалитетот на образованието и да им се дозволи на учениците да мамат на испитите. Тогаш пациентите ќе умираат во рацете на таквите лекари, зградите ќе се рушат поради таквите инженери, парите ќе се губат во рацете на таквите економисти и сметководители, човечноста ќе умира во рацете на таквите верски учители, а правдата ќе исчезнува во рацете на таквите судии“.
Последната реченица од оваа мисла е можеби најважната: „Колапсот на образованието е – колапс на нацијата“.
Токму затоа државите најпрво не се рушат со воена агресија. Тие се рушат кога децата престануваат да читаат со разбирање, кога математиката станува неразбирлива, кога науката се претвора во механичко меморирање, а критичкото мислење во непотребен луксуз… тогаш не исчезнува само знаењето туку исчезнува и способноста на едно општество самото да ја разбира сопствената реалност. А нација што не ја разбира реалноста лесно станува туѓ објект на управување.
Затоа образованието не е само секторска политика. Тоа е прашање на национална безбедност, економска конкурентност, културен идентитет, демократска зрелост и, во крајна линија, прашање на човековите права и слободи. Н.М.
I. Пораката на ПИСА 2025
ПИСА 2025 испрати порака што не може да се прочита само како уште една статистика за образованието. Тоа е предупредување за цивилизацискиот капацитет на современиот човек. Според најновото истражување на ОЕЦД, меѓу 2015 и 2025 година просечниот резултат по читање во земјите на ОЕЦД (OECD – Организација за економска соработка и развој, која моментално има 38 земји членки, а Македонија не е членка на организацијата) паднал за 28 поени, што одговара приближно на една и пол година учење. Математиката паднала за 22 поена, односно за нешто повеќе од една година учење. Тоа не е само проблем на училиштето.
Читањето со разбирање е инфраструктура на мислењето
Кој не умее да го разбере прочитаниот текст, тешко разликува факт од манипулација, аргумент од пропаганда, причина од последица… А во дигиталниот свет информациите се бесконечни, додека човечкото внимание е ограничено.
Токму затоа особено загрижува фактот што ПИСА регистрира пад токму во способностите што стануваат сè поважни во ерата на вештачката интелигенција и се клучни за оценувањето информации, за поврзувањето повеќе извори, за критичкото размислување…
ОЕЦД предупредува дека „технологијата и вештачката интелигенција можат да го подобрат учењето, но не смеат да станат замена за вниманието, трудот и разбирањето“.
Европа исто така не е имуна. Во 2025 година само седум земји во Европската Унија имале резултати значително над просекот на ОЕЦД, додека тринаесет биле значително под него. Особено е впечатлив фактот што падот на читањето во голем број системи оди заедно со слабеење на математиката и природните науки.
Образованието не е фабрика за дипломи, туку е фабрика за човечки способности
Од квалитетното образование зависи квалитетот на идните лекари, инженери, научници, наставници, архитекти, судии, економисти и државници. Ако училиштето произведува човек што може да репродуцира информација, но не може да ја разбере, да ја провери и да ја употреби, тогаш системот можеби произведува формално образовани луѓе, но не произведува доволно способни граѓани!
И токму тука горенаведената изрека на Нелсон Мандела повторно станува актуелна.
Не мора никој да испрати армија. Доволно е една генерација на млади луѓе постепено да биде лишена од способноста да чита, пресметува, истражува, споредува, да се сомнева и да создава. Тогаш оружјето станува непотребно… Н.М.
II. Македонското огледало: ПИСА, реформи и борба за знаење
Ако глобалниот аларм на ПИСА е сериозен, македонското огледало е исто така сурово. Во ПИСА 2025 учениците од Македонија освоиле просечно 378 поени по природни науки, 357 по читање и 380 по математика. Во сите три области резултатите се под просекот на ОЕЦД. Во читањето само 26 проценти од учениците достигнуваат барем основно ниво на компетентност наспроти 69 проценти во ОЕЦД. По математика тој удел е 32 проценти наспроти 65 проценти во ОЕЦД. Особено е значајно тоа што математичкиот резултат е понизок од оној во 2022 година, додека резултатите по читање и природни науки се приближно на нивото од 2022 година. ОЕЦД истовремено констатира дека во периодот 2022–2025 јазот меѓу најдобрите и најслабите ученици во Македонија се проширил во сите три области.
– Овие бројки не треба да се користат за понижување на македонските деца. Напротив. Тие треба да бидат предупредување до сите засегнати страни во државата дека образованието е всушност најважната долгорочна развојна политика на државата – забележуваат од ОЕЦД.
Реформската ориентација на Министерството за образование
Во таа смисла, реформската ориентација на Министерството за образование и наука под раководство на министерката Весна Јаневска заслужува да се разгледува пред сè според амбицијата да се промени системот, а не според дневнополитичките сопки и препукувања.
Министерството најави промени во наставните програми и учебниците, јакнење на компетенциите на наставниците, подобрување на инфраструктурата, професионален развој и посилно поврзување на образованието со реалните потреби на општеството и стопанството/економијата. Особено е значајна определбата „наставникот постепено да се поместува од улогата на предавач на факти кон ментор, водич и партнер во процесот на учење“, со поголем акцент врз читањето со разбирање.
Паралелно, се подготвува нова стратегија за образование 2026–2032, а реформите се прошируваат и кон високото образование и науката, со нова законска рамка за квалитет, евалуација и научноистражувачка дејност.
Јавноста ќе ги оцени реформите за успешни кога ќе дадат резултат
Овие реформи се повеќе од неопходни за македонското општество, но ќе бидат успешни не само ако се спроведат туку и ако произведат резултат! ПИСА 2025 покажува дека состојбата е сè уште тешка. Затоа најголемата заслуга на една образовна политика не е во тоа што ќе прогласи реформа, туку во тоа да биде поддржана, да истрае доволно долго реформата да стане „мерливо знаење кај децата/младите“!
А токму тоа е хоризонтот што треба да се постави, не подобар политички впечаток и не подобра статистика, туку ученик што разбира што чита, знае да реши проблем, умее да постави прашање, може да провери информација и има храброст сам да мисли. Само таков ученик утре може да стане лекар што ќе лекува, инженер што ќе гради и научник што ќе открива! Н.М.
III. Против човекот како аморфна маса
На крајот, кус осврт на тоа дека прашањето за образованието престанува да биде прашање за учебници, за часови и за тестови. Прашањето за образованието станува политичко и цивилизациско прашање. Имено, вистинскиот предизвик е тоа „каков човек сакаме да произведува современото општество“.
Каков човек, в сушност, сакаме да произведувасовременото општество?
Што сакаме да произведеме во процесот на образованието? Човек што мисли или човек што само реагира? Граѓанин или потрошувач? Слободна личност или корисник на однапред подготвени содржини?
На што сме сведоци и самите во современите општествени светски трендови?
Веќе подолг временски период сме сведоци на индикатори каде што политиките на глобализација или транснационализација, отворање кон глобалниот пазар, како и некаква либерализација и дерегулација, менување на традиционалните вредности на индивидуата и колективитетот, создаваат некритична мисла и маса, необразовани или граѓани со намален степен на образование. И за тоа има многу показатели, вклучувајќи ги и горенаведените тестирања на учениците.
Во едни такви долгорочно наметнати околности се јавува еден сериозен политички проблем, кога економските и технолошките процеси почнуваат да го потиснуваат човекот како мислечка, историска, културна и морална личност.
Ако образованието се сведе на производство на „вработливи поединци“ и „корисни идиоти“, тогаш неговата мисија е осакатена.

Човекот не е само инструмент или алатка туку е и носител на достоинство, паметење, јазик, култура, морал, припадност, слободна волја и одговорност кон заедницата.
И тука лежи една од најголемите опасности на некритичкото прифаќање на секој глобален образовен тренд. Глобализацијата може да биде простор на соработка, размена и напредок, но таа стана неолиберална глобализација, глобалистичка хегемонија, економска хомогенизација, транснационална доминација, глобална либералкапиталистичка експанзија, корпоративна глобализација, асиметрична глобализација, неоколонијализам, економски империјализам… И да, либерализмот може да ја брани слободата на поединецот, но тој се претвори во деконструкција на регулаторната држава, во дерегулирање на пазарот, во маркетизација и комерцијализација, во приватизациски процеси/приватизациска агенда…
Секоја доктрина што ја апсолутизира пазарната сурова либерална логика на посилниот и го ослабува јавниот интерес заслужува критичко преиспитување. А глобалните центри на моќ (политички, финансиски, технолошки, медиумски итн.),треба да бидат предмет на демократска контрола, а не на величање или митологизација.
Детето треба да знае од каде доаѓа, но и каде сака да оди
На младиот човек му е потребно знаење со кое ќе може да ја користи технологијата, без технологијата да го користи него, да може критички да чита текст, но и да ја чита епохата, да може да решава равенка, но и да препознае манипулација, да знае историја, да ја почитува сопствената нација, без да ги презира или деноминира другите. И токму затоа ни е потребен нов образовен концепт. Концепт во кој знаењето повторно станува јавна вредност, каде што науката не е декорација, наставникот не е трошок, книгата не е анахронизам, а критичкото мислење не се толкува како политичка опасност.
Затоа што образованието е последната голема институција што може да му помогне на човекот да остане човек во време кога сè повеќе сили се натпреваруваат да ѝ наметнат на индивидуата (а со тоа и на колективитетите) што треба „да мисли“ и да прави и што да сака да биде!?
И токму тука се враќаме на онаа мисла од почетокот на оваа новинарска опсервација. Таа мисла што беше како лајтмотив за целиот текст не треба да ја читаме како закана, туку како предупредување.
Имено, нацијата што го губи знаењето не ја губи само конкурентноста туку го губи и суверенитетот над сопствената иднина. Зашто „кога лошо образованиот лекар ќе згреши последицата може да биде човечки живот, кога некомпетентниот инженер ќе погреши може да се урне зграда, кога необразованиот економист ќе донесе погрешна одлука може да се урне егзистенцијата на илјадници семејства“… Кога институциите ќе ги водат луѓе без знаење, одговорност и критичка свест не се руши само една професија, се руши довербата во целото општество!
Битката за образованието не е битка за една генерација ученици
Битката за образованието е битка за тоа кој ќе ја има способноста да ја разбира, да ја води и да ја брани сопствената иднина. Една нација може да биде разоружена и без еден истрел доколку ѝ се одземе способноста да се образова квалитетно, да мисли, да проверува, да создава и да разликува вистина од измама. Затоа знаењето не е само најважната развојна политика. Знаењето е последната линија на одбрана. А нацијата што ги брани своето образование и училишта, своите воспитувачи, наставници и професори, своите книги, науката и правото на своите деца да научат да мислат, не се брани само од кризата на денешницата. Таа го брани правото сама да ја напише својата иднина. И затоа вистинскиот колапс на една нација не започнува тогаш кога ќе престане да гради. Започнува тогаш кога ќе престане да ЗНАЕ како да гради. Н.М.

































