РАКОМЕТ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
- Ние во моментов сме во малку незгодна ситуација, не се сите ракометари здрави и имаме одредени проблеми. Секако дека би бил задоволен со победа, но тешко е да се зборува пред почетокот на ЛШ и пред првиот натпревар, вели тренерот на Вардар, Иван Чупиќ
По четири години пауза, ракометниот клуб Вардар повторно е дел од европската Лига на шампионите (ЛШ). Македонскиот шампион се враќа во ЛШ, која годинава има нов формат, составена е од 24 екипи (наместо досегашните 16), шест групи и борба за место меѓу 12-те екипи што одат во следната фаза. „Црвено-црните“ се во групата Б, каде што се уште германски Мелсунген, полски Висла Плок и француски Нант. Црвено-црните, кои триумфираа во ЛШ во 2017 и 2019 година, за прв ривал денеска на гости го имаат Мелсунген (20,45 ч.), кој е дебитант во ова најквалитетно ракометно натпреварување. Германскиот клуб во ракометниот крем влегува како актуелен победник во Европската лига (ЕЛ). Тимот од Касел лани го освои својот прв европски трофеј и сега секако дека нивните амбиции брзо растат. Ги предводи шпанскиот тренер Роберто Гарсија Парондо, со кој Вардар ја освои ЛШ во 2019 година. Мелсунген дополнително се засили со Шпанецот Даниел Душебаев, Швајцарецот Лука Цигрист, а тука е и, за вардаровите навивачи, добро познатиот ракометен џин од Летонија, Даинис Криштопанс.
– Кога игравме против Мелсунген минатата сезона, тие веќе имаа доволно бодови, а во тој период имаа и многу повредени ракометари. Сега се комплетни, а станува збор и за отворање на Лигата на шампионите. Затоа очекувам сосема поинаков натпревар. Ние во моментов сме во малку незгодна ситуација, не се сите ракометари здрави и имаме одредени проблеми. Секако дека би бил задоволен со победа, но тешко е да се зборува пред почетокот на ЛШ и пред првиот натпревар. Вардар, условно кажано, е млада екипа. Во сегашниот состав нема многу ракометари со искуство од настапи во Лигата на шампионите. Нормално е Мелсунген да ја има фаворитската улога, но тие ќе треба да го покажат тоа и на теренот. Ние, пак, треба да покажеме дека сме подготвени за Лигата на шампионите и за еден сериозен натпревар – вели тренерот Иван Чупиќ пред денешниот дуел.
Вардарци на денешниот меч ќе бидат ослабени, оти нема да настапи еден од најважните играчи во бековската линија, Урош Митровиќ, кој е суспендиран на четири меча. Имено, Митровиќ во реваншот од ЕЛ минатата сезона против француски Монпелје доби директен црвен и син картон, а потоа и дополнителна казна од Европската ракометна федерација (ЕХФ), односно нејзината дисциплинска комисија му изрече суспензија на четири меча. Бидејќи црвено-црните беа елиминирани, таа суспензија се префрли за сезонава во ЛШ. Г.И.
Лига на шампиони, 1 коло:
ГРУПА А
Веспрем – Порто вчера
Партизан – Фуксе Берлин утре 18.45
ГРУПА Б
Нант – Висла Плок вчера
Мелсунген – Вардар денеска 20.45
ГРУПА Ц
Алборг – ПСЖ вчера
Загреб – Целје вчера
ГРУПА Д
Сегед – Кристијан. денеска 18.45
Спортинг Л. – ГОГ Гудме денеска 20.45
ГРУПА Е
Барселона – Скандерборг вчера
Динамо Б. – Монпелје денеска 18.45
ГРУПА Ф
Киелце – Криенс Луцерн вчера
Магдебург – Колштад денеска 20.45
































