Фото: Никола Димески

 Разговор со Тренчо Димитриоски, новинар и истражувач

 

Соочувајќи се со животот и делата на овие личности, едноставно сфатив дека ова не само што не смее да се заборави, туку треба да се оживее и да се афирмира, вели Димитриоски.

Новинарот и истражувач Тренчо Димитриоски пред повеќе од триесет години си поставил цел да истражи што е можно поголем дел од три македонски области во близина на Прилеп. Како плод на тридецениското истражување неодамна ја публикуваше едицијата „Македонски јунаци од Пелагонија, Мариово и Прекурид“, во која се поместени книгите: „Војводите Спиро Црне и Ѓорија Лажот“, „Војводата Диме Чакре“, „Војводите Коне Павлев и Мирче Ацев“, „Јордан Гавазот“, „Браќата Пешкови“, „Војводата Христо Оклев Попето“, „Толе Паша“, „Војводата Никола Каранџулов“, „Војводата Анте Дунски“, „Маргара“, „Битката за ослободување на Витолиште“ и „Неколку прилепски јунаци“.

Тој објаснува дека многу локалитети се тешко достапни, а податоците за археолошките наоѓалишта и историските споменици се оскудни. На почетокот истражувал материјално културно наследство и објавувал текстови во „Народен глас“, „Нова Македонија“ и други медиуми.

 Едиција за заборавените јунаци

Истражувајќи, Димитриоски наидувал на уништени локалитети, но и на личности и настани неоправдано заборавени. Така ги опфатил македонските јунаци од пред создавањето на МРО па до 1912 година.

Иако едицијата содржи дванаесет наслови, во книгите се опишани многу повеќе историски личности, меѓу кои и придружници на главните јунаци. Пример е Петре Желеларот – битолчанец со прилепско потекло, железар и свештеник, војвода член на окружниот комитет во Битола, загинат кај Дрен.

Резултатите од долгогодишните истражувања ги поткрепил со архивски материјали и спомени, а книгите се пишувани документаристички и фактографски, со регистар на географски и лични имиња и речник на непознати зборови.

Браќата Пешкови се одрекле од богатството, во име на слободата

Димитриоски издвојува семејството Пешкови – тројца браќа кои активно се бореле за слободна Македонија. Ѓорѓи бил член на Окружниот комитет во Битола, Никола водел чета и загинал во борба, а Рампо исто така бил вклучен во револуционерните дејствија. Иако семејството имало големи фирми во Врање и Албанија, тие се откажале од богатството за слободата.

Посебно место има Никола Каранџулов – учител, револуционер и човек со огромна физичка сила. Турците се плашеле од него, а во 1903 година успеал да ослободи 32 затвореници од битолскиот затвор. Загинал кај Црвени стени, а неговата трагична смрт е сведоштво за неговото јунаштво.

Како што знам, така ќе се борам за Македонија

Војводата Ристо Оклев е опишан во спомените на Петре Ацев, а Толе Паша во делото на Стале Попов. Димитриоски додава нови факти за нив. Толе Паша, иако неписмен, диктирал писмо до австрискиот конзул, во кое ја опишал положбата на македонското население. Тој загинал заедно со својот син Веле во борба против турски аскер, а археолошки е потврдено дека татко и син почиваат прегрнати.

И покрај триесетгодишното истражување, Димитриоски смета дека работата е недоистражена поради недостиг на системска грижа и стратегија. Со едицијата „Македонски јунаци од Пелагонија, Мариово и Прекурид“ тој дава значаен придонес за афирмација на овие личности.

„Соочувајќи се со животот и делата на овие личности, сфатив дека ова не само што не смее да се заборави, туку треба да се оживее и да се афирмира. Потребно е да го отвориме историското и културното наследство на Македонија,“ порача Димитриоски.

Во моментов тој подготвува обемен труд посветен на локалитетот Маркови Кули во Прилеп.

 

 

 

Фото: Никола Димески
Фото: Никола Димески
Фото: Никола Димески
Фото: Никола Димески
Фото: Никола Димески
Фото: Никола Димески
Фото: Никола Димески