Што да се направи во случај на неевидентиран работен стаж
- Граѓаните честопати се соочуваат со недостиг од стаж кога работодавецот ја затворил фирмата, со што уште потешко се докажува работниот стаж, бидејќи се потребни документи за да се потврди дека лицето работело во конкретната компанија, но и дека биле платени придонесите за неговото ангажирање
- Од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (ПИОСМ) за „Нова Македонија“ нагласуваат дека стажот на осигуреникот го утврдуваат врз основа на одредбите од Законот за ПИО
Голем број граѓани откриваат дека дел од нивното работно искуство не е евидентиран во моментите кога аплицираат за пензија. Непријатното изненадување, за жал, најчесто им се случува на граѓани што работеле во времето на СФР Југославија и во компании што по распадот се затвориле. Граѓаните честопати се соочуваат со недостиг од стаж кога работодавецот ја затворил фирмата, со што уште потешко се докажува работниот стаж, бидејќи се потребни документи за да се потврди дека лицето работело во конкретната компанија, но и дека биле платени придонесите за неговото ангажирање.
Од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (ПИОСМ) за „Нова Македонија“ нагласуваат дека стажот на осигуреникот го утврдуваат врз основа на одредбите од Законот за ПИО.
– Овие податоци се доставуваат во Фондот по службена должност од субјектите чија должност е тоа, а не ги прибира Фондот сам. Утврдувањето на стажот се врши врз основа на доставените податоци и документи (пријава/одјава обрасци М1 и М2, потоа потврда за платен стаж, М4, ова се однесува на осигурениците до 2006 година, работничка книшка, како и други документи), кои се законски утврдени – посочуваат од Фондот.
Без докази не се прифаќа тврдењето на осигуреникот
Потоа оттаму додаваат дека врз основа на утврдениот стаж, висината на платите и другите податоци, Фондот донесува решение за пензија во кое се утврдува висината на пензијата.
– Осигурениците што немаат утврден стаж треба да достават документи врз основа на кои ќе се утврди и потврди стажот и Фондот ќе може да изготви решение за пензија. Секое тврдење дека стажот бил подолг од официјално утврдениот во Фондот мора да биде поткрепено со докази, односно документи, кои претходно ги споменавме – појаснуваат од Фондот.
Потоа оттаму укажуваат дека во случаите кога има проблем со утврдувањето на стажот, односно нема податоци дека лицето било вработено и дека се платени придонесите за пензиско осигурување, службите во Фондот ги информираат граѓаните/осигурениците кои документи е потребно да ги достават и каде да се обратат.
– Едната можност е да се обратат во фирмата/претпријатието каде што работеле, или правните наследници за да им ги дадат потребните документи. Другата можност е да се обратат во Државниот архив и таму да ги побараат податоците, доколку претпријатието каде што работеле е во стечај или е затворено – посочуваат од Фондот.
Досегашното искуство на граѓани што се соочиле со проблеми при докажување на работниот стаж покажало дека проблематично може да биде да се најдат потребните документи кога компанијата го променила името, се споила со друга компанија или е целосно затворена. Но, сепак, многумина укажуваат дека може да има лице што ја презело обврската да ја чува деловната документација, поради што е корисно да се контактира со некои од поранешните колеги или да се побараат информации за поранешен работодавец.
И поранешни колеги може да бидат извор на документи
Од Фондот објаснуваат што се случува со граѓаните што дел своето работно искуство стекнале во странство, односно живеат надвор од Македонија.
– Во случај кога осигуреникот, односно барателот, живее во странство, тогаш Фондот по службена должност се обраќа до фирмата/претпријатието, како и до Државниот архив за достава на потребните податоци. Фондот на ПИОСМ, во согласност со Законот за ПИО, задолжително мора да има валидна документација врз основа на која ќе се утврди стажот на осигуреникот – укажуваат од Фондот.
Воедно на крајот од своето образложение тие потенцираат дека Фондот на ПИОСМ работи во согласност со одредбите од Законот за ПИО и другите закони што се однесуваат на неговиот делокруг на работа и секое нивно непочитување повлекува кривична и материјална одговорност.
Граѓаните, пак, посочуваат дека кога има наследник, потребните потврди обично се многу полесни за добивање, но кога компанијата е распуштена без наследник, документацијата може да се најде во историските архиви. Работодавците биле должни да им предадат одредени деловни документи на надлежните институции, што може да вклучува евиденција за вработените, податоци за платите и други документи важни за остварување на правото на пензија.
Доколку документацијата не е зачувана во архивата, пребарувањето не е завршено. Се случува деловни документи да се најдат кај поранешни сметководители, сметководствени агенции или вработени што задржале дел од документацијата откако компанијата се затворила. Затоа, контактот со поранешни колеги може да биде многу корисен. Некои од нив можеби знаат каде е документацијата или веќе поминале низ истиот процес.
Личните документи што граѓаните ги зачувале исто така може да бидат вредни, како што се договори за вработување, одлуки за вработување, анекси на договори, пресметки на плати, евиденција за личен доход или сертификати за корисно работно искуство. Сепак, важно е да се знае дека изјавите на поранешните колеги може да послужат само како помош при наоѓање докази. Стажот не може да се признае само врз основа на сведоштво. Е.Р.

































