Фото: Принт-скрин

Очевидци опишаа средба со еден од осомничените за низата напади со нож во Канада, додека изразија олеснување што нивните блиски избегнале соочување со наводните убијци што се во бегство, пренесува „Гардијан“.

Десетмина беа убиени и најмалку 15 ранети во низа напади со нож што се случија вчера на 13 локации во канадската провинција Саскачеван. Полицијата соопшти дека се чини дека некои од жртвите биле цел на осомничените, додека други биле нападнати по случаен избор. Власите ги посочија Демиен и Мајлс Сандерсон како осомничени за нападите, издавајќи потерници за нивно апсење.

Жена која се сретнала со еден од осомничените, ѝ кажала на полицијата оти тој ѝ пришол на неа и на нејзината ќерка тврдејќи дека е повреден. Тој побарал помош, но заминал кога ќерката му кажала дека ќе се јави на надлежните.

– Не сакаше да го покаже лицето. Имаше голема јакна преку лицето. Го прашавме како се вика, по што го промрмори неговото име двапати, но не разбравме што вели. Кажа дека не може да го покаже лицето поради тешки повреди. Беше нестабилен – кажа 89-годишната Дорин Лис во изјава за „Асошиејтед прес“.

Жителите на едно од местата кои беа погодени од нападите, на социјалните мрежи опишаа низ што поминале. Некои од нив забележале дека домовите им се обиени, но за среќа немало никој внатре.

– Ова засекогаш ќе ме трауматизира – напиша една жена, нагласувајќи дека ѝ е драго што нејзината сестра не била дома кога осомничените се обиделе да влезат, покрај објавената фотографија од оштетена квака на влезната врата.

Бројот на жртвите би можел да е поголем оттаму што не се знае состојбата на повредените кои биле префрлени во различни медицински установи.