Уште еден договор од глобално значење ставен во мирување

Државите од ЕУ неделава на заедничката средба не ги усвоија заклучоците за климатската дипломатија како што беше планирано, поради суштински несогласувања на темата за улогата на нуклеарната енергија во зелената транзиција, изјавија повеќе претставници на ЕУ за медиумите.
Неуспехот на договорот е резултат на најновиот развој на настаните во спорот меѓу Франција и другите земји што претпочитаат политики на ЕУ за промовирање на придонесот на нуклеарната енергија во намалувањето на емисиите на ЦО2, наспроти оние како Германија и Шпанија, кои предупредуваат дека „тој став ризикува да го одврати вниманието од напорите за масовно проширување на обновливите извори на енергија“!

Борел: Постојат нерешени пречки, но тие ќе бидат решени

Дебатата што се фокусира на „водород произведен од нуклеарна или обновлива енергија“ веќе ги одложи преговорите за новите цели на ЕУ за обновливи извори на енергија, но и го загрози цевководот за водород вреден неколку милијарди евра. Некои претставници на ЕУ стравуваат дека ова може да се прелее во „други политики за зелена енергија“, потенцијално одложувајќи го спроведувањето на предвидените процедури потребни за исполнување на климатските цели на ЕУ.
– Постојат нерешени пречки, но тие ќе бидат решени – изјави во понеделникот шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, за заклучоците за климата, без да прецизира за какви пречки станува збор.
Заклучоците ќе ги одредат дипломатските приоритети на ЕУ пред годинешниот самит на ОН за климата. Говорејќи по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, кои планираа да ги одобрат заклучоците, Борел рече дека очекува земјите да дадат писмено одобрување за конечниот текст за неколку дена.
Официјални претставници на ЕУ изјавија за Ројтерс дека поголемиот дел од текстот е одобрен – вклучувајќи ги и плановите ЕУ да собере поддршка за глобалното ветување за постепено укинување на фосилните горива пред самитот на ОН за климата во ноември.

Дилема за решавање: Водород произведен од нуклеарна енергија или водород произведен од обновлива енергија?

Земјите се борат околу тоа дали текстот треба конкретно да промовира нискојаглероден водород, што значи водород произведен од нуклеарна електрична енергија, или да се фокусира на водород произведен од обновлива енергија.
– За прашањето за водородот… има различни позиции околу масата – рече еден дипломат што сакаше да остане анонимен, кој додаде дека официјалните лица работат на обидот брзо да најдат компромис.
Нацрт-заклучоците, видени од дел од медиумите, гласат: „Енергетската дипломатија на ЕУ ќе промовира зголемено прифаќање и интеграција на системите за обновлива енергија, водородот и неговите деривати“. Во нацртот се додава дека дипломатијата на ЕУ исто така ќе промовира „безбедни и одржливи технологии со низок процент јаглерод“. Зголемувањето на употребата, домашното производство и увозот на водородно гориво без емисии се од централно значење за плановите на Европа за да ги декарбонизира индустриите како што се вештачко ѓубриво и производство на челик.
Франција, која историски добиваше 70 отсто од својата енергија од нуклеарни реактори, и земјите како Унгарија и Чешката Република сакаат повеќе признавање на нуклеарната енергија од ЕУ и на пример се залагаат за водород базиран на нуклеарна енергија да се вброи во целите на ЕУ за обновлива енергија. На другата страна се земји како Германија, која постепено ги затвора своите реактори, и Шпанија. Тие тврдат дека го препознаваат придонесот на нуклеарната енергија за намалување на емисиите на јаглерод, но дека не треба да се става во ист однос со обновливите извори на енергија како што се ветерот и сонцето.

Подготвил: Mарјан Велевски