Фото: ЕПА

Цените на нафтата денеска забележаа значителен пад откако САД и Иран потпишаа меморандум за постепено отворање на Ормускиот Теснец и обновување на иранскиот извоз на нафта.

На лондонскиот пазар барел нафта се тргуваше по 77,52 долари, додека на американскиот пазар цената изнесуваше 74,63 долари, пренесе „Ројтерс“.

Според договорот, Вашингтон ќе започне со постепено укинување на ограничувањата за иранските пристаништа, а Техеран ќе овозможи безбеден премин на трговските бродови низ Ормускиот Теснец. Целиот процес треба да биде завршен во рок од 30 дена.

Веќе се регистрирани првите танкери што непречено минале низ теснецот, меѓу кои и три саудиски супертанкери кои превезувале околу шест милиони барели нафта.

Пазарите позитивно го оценија договорот, очекувајќи зголемување на глобалната понуда по враќањето на иранската нафта на меѓународните пазари.

Во исто време, Меѓународната агенција за енергетика соопшти дека стратешките резерви на нафта на земјите членки на ОЕЦД се намалени за 163 милиони барели од почетокот на конфликтот и достигнале најниско ниво од декември 1990 година.

Според проценките на агенцијата, доколку договорот биде целосно спроведен, производството и извозот на нафта од регионот на Персискиот Залив постепено ќе се стабилизираат.