Фото: Принтскрин

Спасувачите пронајдоа преживеана девојка по име Икранур, која помина 137 часа под урнатините во Газијантеп по катастрофалниот земјотрес, а глетката прикажана од турскиот град го трогна целиот свет.

Член на тимот на рудари во живо го пренесувал извлекувањето на девојчето, кое поминало 137 часа под урнатините, по што успешно било спасено.

– Не плаши се, Икранур, не плаши се, твоите рударски браќа дојдоа да те спасат. Во 137-от час бевме сведоци на чудо во Газијантеп – се наведува во видеото.

На социјалните мрежи постојано се појавуваат видеа од спасување, на кои никој не останува рамнодушен, а од час во час пронаоѓањето на преживеани станува се потешко и поневеројатно, па може да се каже дека во наредните часови, а особено денови, кога ќе се најде преживеан ќе биде вистинско чудо.

Според некои меѓународни стандарди, седум дена по земјотресот, спасувачите обично престануваат да бараат преживеани и да работат со тешка механизација, која започнува со расчистување на теренот, но спасувачите во Турција продолжуваат неуморно да бараат преживеани.

Бројот на загинати во двете земји денеска надмина 36.000, а десетици илјади преживеани се повредени или без покрив над главата.