Фото: Фејсбук на Кралското семејство

Британскиот крал Чарлс Трети упати емотивна видео-порака по повод 100 години од раѓањето на неговата мајка, Елизабета Втора, во која посочи дека таа веројатно би била загрижена од актуелната состојба во светот.

Во обраќањето, снимено во Балморал, кралот истакна дека кралицата во текот на животот сведочела на големи историски промени, но останала доследна и посветена на народот. Тој го нагласи нејзиниот оптимизам и вербата дека добрината секогаш ќе преовладува, повикувајќи на „подобро утре“ засновано на мир, правда и безбедност, пренесе „Би-би-си“.

По повод јубилејот, на кралот и Камила ќе им биде претставен финалниот дизајн на бронзена статуа на покојната кралица, дело на Мартин Џенингс. Скулптурата ја прикажува Елизабета Втора во младоста, во церемонијална облека, и ќе биде поставена во Сент Џејмс парк во Лондон.

Инспирацијата за изгледот на статуата доаѓа од портретот на кралицата што во 1955 година го насликал Пјетро Анигони. Споменикот ќе биде откриен денеска на 21 април – датумот на нејзиното раѓање во 1926 година.

Меморијалниот проект, кој го води тим предводен од Норман Фостер, ќе вклучува и биста од подоцнежните години на кралицата, како и статуа на Принцот Филип. Планирана е и реконструкција на мостот во паркот, со современ дизајн инспириран од кралската тијара.

Дополнително, ќе биде воспоставена и дигитална платформа каде граѓаните ќе можат да оставаат пораки во чест на кралицата, како дел од поширокиот меморијален проект кој треба да биде завршен во наредните две години.