Фото: Пиксабеј

Затворениците од шест казнено-поправни установи во Еквадор држат како заложници 57 чувари и полицајци како одмазда за операцијата на државните вооружени сили во затворите, соопшти Еквадорската затворска агенција (СНАИ).

Во екот на еднодневното насилство предизвикано од експлозија на две автомобил-бомби во Кито, СНАИ соопшти дека седум полицајци и 50 затворски чувари биле „затворени во шест притворски центри“, без да даде дополнителни детали.

Министерот за внатрешни работи на Еквадор Хуан Запата претходно изјави дека сите чувари биле земени како заложници во затворот Куенка, во југозападниот дел на земјата, каде што затворениците протестираат од средата против полицискиот притисок во затворот.

Еквадор е зафатен од затворски немири од 2021 година, во кои досега загинаа 430 затвореници. Владата ги припишува на конфликтите меѓу нарко-бандите кои водат војна за власт во казнено-поправните установи во земјата и ги користат како бази за нивните операции. Претседателот Гиљермо Ласо се бори со зголеменото насилство во земјата која се користи како транзитна точка за кокаинот кој се транспортира кон Европа и САД.