Бројот на загинати во силниот земјотрес што ја погоди југозападна Јапонија се искачи на 13, додека спасувачките екипи продолжуваат со интензивната потрага по преживеани под урнатините, пишува „Би-би-си“.
Земјотресот со јачина од 6,8 степени според Геолошкиот завод на САД (USGS), односно 7,1 според Јапонската метеоролошка агенција (JMA), доцна во вторникот ја погоди префектурата Кумамото. Потресот предизвика големи оштетувања на патната инфраструктура и објектите, прекин на железничкиот сообраќај и евакуација на илјадници жители.
Три од жртвите загинале при уривање на дел од вториот кат во трговскиот центар „Aeon“ во градот Кашима. Од урнатините досега се спасени осум лица, а според локалните власти, бројот на луѓе кои сè уште се водат како заробени е помал од првично проценетите 20 до 30.
Јапонската премиерка Санае Такаичи изрази сочувство до семејствата на загинатите и порача дека спасувањето останува врвен приоритет.
„Ова е трка со времето“, изјави Такаичи, најавувајќи распоредување на околу 3.600 припадници на Силите за самоодбрана за помош во спасувачките и санациските активности.
Епицентарот на земјотресот бил на околу 20 километри јужно од Кумамото, на длабочина од 10 километри. По главниот потрес се регистрирани повеќе од 60 последователни потреси со јачина меѓу 1 и 4 степени.
Телевизиските снимки покажаа оштетени патишта и мостови, пожари во повеќе објекти и сериозни оштетувања на трговскиот центар „Aeon“, каде делови од фасадата се урнати. Во повеќе населени места е прекинато снабдувањето со електрична енергија.
Главниот секретар на кабинетот, Минору Кихара, ги повика жителите на погодените подрачја внимателно да ги следат упатствата на локалните власти и навреме да постапуваат по наредбите за евакуација.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека земјотресот не предизвикал оштетувања или безбедносни проблеми во нуклеарната централа „Сендај“, која продолжува да работи нормално.
Јапонија се наоѓа во Пацифичкиот „Огнен прстен“ и е меѓу најсеизмички активните земји во светот, со околу 1.500 земјотреси годишно. Жителите на Кумамото сè уште се сеќаваат на катастрофалните потреси од 2016 година, кога загинаа 278 лица, а беа оштетени илјадници објекти.
































