Борел на разговори со Кина, најголемиот трговски партнер на Европа

Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика, Жозеп Борел, во четвртокот пристигна во Кина, сакајќи да управува со стратегијата за „намалување на ризикот“ на европскиот блок во однос на Кина, најголемиот трговски партнер. Тој исто така дојде и ги постави темелите за планираниот самит оваа година, пишува „Франс прес“.
Посетата доаѓа само неколку дена по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас, што го натера Борел да свика итен состанок на европските министри за надворешни работи. Кина ги повика сите страни на „прекин на огнот“. Патувањето на Борел, кое беше одложено двапати оваа година и се очекува да трае до денеска, ќе опфати разговори со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји и ќе ги разгледа прашањата како билатералните односи, глобалните предизвици и трговијата.
Брисел вели дека посетата, последна во серијата дијалози на високо ниво ЕУ-Кина, „треба да кулминира на самитот ЕУ – Кина подоцна оваа година“.

– Штотуку дојдов во Кина за да копретседавам со стратегискиот дијалог ЕУ – Кина со мојот колега министер Ванг Ји – наведе Борел на својот профил на платформата X.
Односите меѓу ЕУ и Кина се сериозно затегнати по почетокот на војната во Украина во февруари минатата година, која Пекинг избегна да ја осуди. Наместо целосно запирање на дијалогот, Брисел е за пристап со Пекинг што ќе ја земе предвид и силната економска зависност на ЕУ од Кина. Целта е да се намали прекумерната зависност на блокот од втората по големина економија во светот, а во исто време да се задржат повеќето економски врски.
Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, изјави за новинарите дека „Кина ја поздравува“ посетата на Борел.
– Светот во моментов се соочува со нестабилна и турбулентна ситуација. Кина и ЕУ, како две големи глобални сили, пазари и цивилизации, имаат широки заеднички интереси во промовирањето на глобалниот развој и просперитетот и унапредувањето на човечката цивилизација – рече Ванг.