Задачата на Европската унија е да понуди надеж за мир на Блискиот Исток, изјави шефот за безбедност и надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, пред Европскиот парламент на првата годишнина од смртоносниот напад на палестинската исламистичка група Хамас врз Израел на 7 октомври.
Тој објасни дека е неопходно „да се бара мир таму каде што сега има омраза, да се создадат врски меѓу двете земји кои со години се борат за една земја“.
– Нема друго решение освен да го споделиме, да преминеме од меѓусебно негирање кон взаемно признавање – рече Борел, опишувајќи ја фрагментираната палестинска територија како „архипелаг“.
Тој повика на мир на Блискиот Исток, но и на мир меѓу луѓето кои живеат „во границите на нелегално окупираните територии“.
– Нема ништо поперверзно од тоа да се бара смрт на човечко суштество затоа што тој припаѓа на одреден народ или заедница. Израел, кој е демократска земја, не треба да се однесува како терористички организации како Хамас и Хезболах – нагласи Борел.
На почетокот на својот говор пред Европскиот парламент, Борел ја прочита декларацијата што беше претставена претходно утринава по повод годишнината од нападите. Тој го опиша нападот на 7 октомври 2023 година како терористички напад „против народ кој толку многу страдал“ и повторно повика на безусловно ослободување на сите заложници.