Фото: Маја Јаневска-Илиева

Тешко е да се процени дали „валканата бомба“ би била искористена во Украина, со што можните катастрофални последици се земени предвид, а реакциите на спротивставените страни претставуваат превенција за да не дојде до такво сценарио, вели докторот на воено-политички науки Благоја Марковски, по разменетите обвинувања помеѓу Русија и Украина за евентуалната употреба на ваков вид на оружје, што ја алармираа светската јавност. Тој во изјава за „Нова Македонија“ ги објасни ефектите од „валканата бомба“, а е осврна и на можното влијание што ова оружје би го имало врз текот на војната во Украина.

– „Валканата бомба“ може да предизвика огромни штети по инфстраструктурата и околината, но таа е ефективна и на психолошки план бидејќи го застрашува населението. Тоа е класично оружје со нуклеарно полнење и може да остави последици на подолг временски период на погоденото подрачје – објаснува Марковски.

Големиот број на дезинформации поврзани од војната ја отежнуваат проценката на ситуацијата, според воениот експерт.

– Тешко е да се процени дали „валканата бомба“ би била искористена во војната во Украина бидејќи секојдневно сме изложени на голем број на дезинформации и на полувистини за војната, но се чини дека двете страни размислуваат за ваквата можност. Руските министри за надворешни работи и за одбрана разговараа со американските колеги, а предупредија и украинските власти. Станува збор за превенција и ваквите реакции уследија токму за да не не дојде до употреба на ова оружје, што и јас се надевам дека нема да се случи – нагласува Марковски.

Последиците од можната употреба на „валкана бомба“ би биле катастрофални не само по погодениот регион, туку и по светот, бидејќи дошло до соодветен одговор, односно до офанзива на двете страни во војната.

– Во тој случај би дошло до соодветен одговор, на сличен начин, со што одговорноста би се префрлила кон оној што прв ја употребил „валканата бомба“. Последиците би биле катастрофални бидејќи потоа би биле вклучени и други воени капацитети, со офанзива од двете страни. Ваквата ситуација би оставила последици не само по тој регион, туку и по целиот свет, што мислам дека е земено предвид – заклучува Марковски.

Што претставува „валканата бомба“ и колку е опасна?

Русија планира денеска пред Советот за безбедност на Обединетите нации да изнесе обвинувања дека Украина планира напад со „валкана бомба“, а руските власти им ги соопштија ваквите сомнежи и на западните колеги. Украинскиот претседател Влaдимир Зеленски потоа ја обвини Русија дека токму таа планира таков напад и оти за тоа сака да ја обвини Украина. Западните земји, исто така, ги отфрлија обвинувањата на Русија. М.Ж.