Фото: Илустрација/ Принтскрин

Од „валканите бомби“ веќе подолго време се стравува како потенцијално оружје на терористите, бидејќи нивна главна цел е да шират паника преку испуштање радиоактивна прашина и чад, пишува „Гардијан“, по меѓусебните обвинувања на Русија и Украина за можната употреба на вакво оружје во војната.

Иако досега не е забележана употребата на „валкана бомба“, имало два неуспешни обида за детонирање на таква направа во јужната руска провинција Чеченија пред повеќе од 20 години, наведува британскиот весник.

„Валканите бомби“ се релативно примитивни и непрецизни оружја. Тие се многу полесни и поевтини за правење отколку нуклеарно оружје, како и значително помалку опасни.

Тие користат конвенционални експлозиви, како што е динамитот, заедно со радиоактивен матријал кој се испушта со екплозијата. Количеството на исфрлениот нуклеарен материјал не е нужно и смртоносно, иако е опасно.

Материјалот користен во бомбата може да биде земен од различни извори, како што се и медицината, индустријата или истражувачките капацитети.

– „Валканата бомба“ е навистина лесна за правење. Тоа е примитивна направа – вели Скот Рокер од истражувачкиот институт „Иницијатива за нуклеарна закана“

Бројот на жртви и нанесената штета од „валкана бомба“ зависат од повеќе фактори. Клучно е количестевото на конвенционални експлозиви што се користат, односно од кои зависи силината на експлозијата.

Количеството и видот на радиоактивните материјали и другите фактори, како што е ветерот во времето на екплозијата, одредуваат колкаво подрачје може да биде зафатено од ефектите на бомбата. Повеќето „валкани бомби“ не испуштаат доволно радијација за да предизвикаат смрт или тешки заболувања. А ниските нивоа на радијација вообичаено не предизвикуваат симптоми, па луѓето не ни знаат дека се изложени на радијација, според „Гардијан“.

Влијанието на бомбата е психолошко, поради што ваквите направи се сметаат за „оружје за масовно нарушување“. Тие не се за употреба на бојното поле, туку во населени области.

– Тие се повеќе психолошко оружје. Кога сакате да ги исплашите луѓето, користите вакво оружје – вели Рокер.

Радиоактивната прашина и чад можат да се прошират далеку и се опасни ако бидат вдишани во близина на експлозијата, според експертот. Но, со ширењето, радиоактивниот материјал станува помалку опасен. За откривање на радијацијата е потребна специјална опрема, а справувањето со ефектите и чистењето е скап процес.