Организацискиот одбор на 55. „Детски Рацинови средби“ распиша конкурс за предметните наставници од основните училишта за изработка на мултимедијален ИКТ-проект, инспириран од ликот и делото на безвремениот Коста Солев Рацин, на темата „Рацин – поет на болката и љубовта“.
Од Одборот појаснуваат дека креативноста во изработката е на самиот наставник и на учениците, а во него ќе се вреднуваат оригиналноста, иновативноста, интерактивноста, инспиративноста, современите методи и форми на работа. Секој наставник има право на учество со еден ИКТ-проект. Снимката од активностите и од презентациите да не биде подолга од 10 минути. Најдобрите три проекта ќе бидат избрани од страна на стручна жири-комисија, формирана од организаторот.
Распишани се и поетски и ликовен конкурс на истата тема. Право на учество имаат ученици од шесто до деветто одделение од oсновните училишта и ученици од прва до четврта година од средните училишта.Секој ментор има право да учествува со творба од еден ученик. Од секое училиште можат да бидат испратени најмногу по пет поетски творби. Најзначајно е детските песни да се оригинални и соодветни на темата. На ликовниот конкурс, секој ментор има право да учествува со цртеж од еден ученик. Од секое училиште можат да бидат испратени најмногу по пет ликовни творби. Откако жири-комисијата ќе направи избор, наградените ќе бидат известени за начинот на одржување на манифестацијата.

Организацискиот одбор на 55. „Детски Рацинови средби“ распишува конкурс на темата „Цветен венец од стихови за Рацин“ – групна работа. Конкурсот подразбира групна литературно–ликовна творба. Секој одделенски наставник ментор има право да учествува со една изработка. Од секое училиште можат да бидат испратени најмногу по пет изработки.
Творбите да се испраќаат на адресата: ул. „Алексо Демниевски“ бр.11, 1400 Велес, со назнака „За 55. Детски Рацинови средби“ најдоцна до 31 октомври 2022 година, со следните податоци: име и презиме на наставникот, училиште, место, е-адреса и телефон за контакт. Најдобрите три изработки ќе бидат избрани од страна на стручна комисија, формирана од организаторот.
На натпреварот во ораторство за сите ученици од прва до четврта година од средните училишта во државата на темата „Рацин – поет на љубовта и болката“, секој ментор има право да пријави еден ученик. Од секое училиште можат да учествуваат вкупно тројца ученици. Говорот да не биде подолг од пет минути.
Пријавувањето да се изврши по електронски пат на следната е-адреса: [email protected] со назнака „За ораторство“, најдоцна до 31 октомври 2022 година. Ораторите ќе бидат известени за времето на одржување на манифестацијата и натпреварот.

Тие појаснуваат дека при бодувањето стручната жири-комисија ќе вреднува оригиналност, израз, правоговор, соодветни гестови, почитување на определената временска рамка, интерактивност на публиката и задржување на нејзиното внимание.
Ќе има и рецитаторски натпревар за сите ученици од прва до четврта година од средните училишта во државата. Натпреварот ќе се одвива во три последователни круга. Во првиот круг, потребно е натпреварувачите да испратат снимка од песната „Копачите“ на следната е-адреса: [email protected] најдоцна до 31 октомври 2022 година. При рецитирањето на снимката не смее да се употребува фон. Секој ментор има право да учествува со еден ученик. Од секое училиште можат да учествуваат тројца ученици.
Жири-комисијата ќе направи избор на десет најдобри рецитатори, кои ќе се натпреваруваат во втор круг, за време на одржувањето на манифестацијата со песна од Рацин по сопствена желба. Тие појаснуваат дека најдобрите од вториот круг ќе влезат во трет круг и ќе рецитираат песна од Рацин по избор на жири-комисијата, информираат од Организацискиот одбор на 55. „Детски Рацинови средби“.
Пријавувањето на сите творби е до 31 октомври 2022 година и треба да се изврши по електронски пат на следната е-адреса: [email protected] со назнака за кој конкурс се пријавуваат, освен ликовните творби, кои треба да се пратат по пошта, како и ликовно-литературната „Цветен венец од стихови за Рацин“ – групна работа.