Фото: Игор Бансколиев

По примерот на германските маркети за скратено работно време заради заштеда на енергија, некои од домашните трговски компании „срамежливо“ размислуваат за намалување на работното време во текот на зимскиот период… Економистите бараат сериозни анализи за влијанието врз вкупниот промет и бруто-домашниот производ од воведување на ваквата мерка, а синдикатите подготвено реагираат дека скратеното работно време за непроизводните дејности и за јавната администрација не треба да оди на штета на платите на работниците…

Иницијативата за скратено работно време
како повод за размислување во контекст
на помала потрошувачка на струја

Соочени со високите сметки за струја, големите трговски компании во Европа почнаа со сопствени мерки за штедење за да ги намалат високите трошоци на работењето. Но забележливо е дека тоа се одрази и на малопродажните цени на производите, повторно со извесно поскапување. Како прв потег на штедење беше исклучување на светлечките реклами на објектите и на светилките во споредните простории. Но ова се покажа како недоволно за поголемо намалување на тековните трошоци, кои стануваат сѐ повисоки, поради растот на цените на електричната енергија, парното и на гасот. Затоа, некои од големите трговски синџири во Германија, Австрија и во други земји од Европската Унија, преминаа и на „подрастични“ чекори, како што е намалување на работното време на продажните објекти во вечерните часови, кога потрошувачката на струја е најголема, а и кога бројот на потрошувачи е значително намален..
Според првичните пресметки на еден австриски трговски синџир, само по основа на намалувањето на надворешното рекламирање, за нив била намалена потрошувачката за еден милион киловат-часа годишно. Истовремено, од најголемиот француски продавач на храна пристигнаа најави за намалување на работното време на продавниците за да се справи со недостигот од електрична енергија. И во другите земји трговските центри преминуваат на штедење, а и на алтернативни извори на енергија.
Енергијата претставува голема ставка во работењето на странските и на домашните трговски претпријатија. Германскиот трговски гигант „Алди Норд“ влезе похрабро во акцијата за штедење енергија и од скоро го намали работното време во многубројните филијали и наместо во 21 или 22 часот, одредени филијали од ноември ќе бидат затворени од 20 часот. Намалувањето на работното време се однесува само за претстојниот зимски период. Во маркетите и во трговските центри каде што фреквенцијата на потрошувачи е голема во вечерните часови, работното време е непроменето, пишуваат германските медиуми. Со слични проблеми се соочуваат и македонските трговски компании, но опцијата за намалување на работното време на маркетите засега сериозно не била разгледувана како дел од мерките за заштеда на енергијата.

– Засега опцијата за евентуалното намалување на работното време не беше разгледувана од трговските компании. Една од нив изрично се изјасни дека нема да го преземе овој чекор, поради сегашните состојби на домашниот пазар, кога се соочуваат и со намалена куповна моќ на граѓаните, поради високите цени на производите. Компаниите остануваат на сегашното работно време за да ги задржат постојните потрошувачи. Од раководните лица на маркетите потенцираа дека не постои бизнис што може да ги издржи тековните високи сметки за струја, кои на месечно ниво, кај одделни трговски синџири, речиси се изедначени со вкупниот трошок за исплата на плати за вработените – ни изјавија од Стопанската комора.
Проблемот со високите сметки за струја беше дел од разговорот меѓу претставниците на Стопанската комора на Македонија со најголемите трговски компании во земјата. Главниот фокус на овие средби бил ставен на непрецизното дефинирање на мерките поврзани со ограничувањето на маржите, отсуството на сеопфатен приод на државата при справување со кризни моменти, како и со справувањето со нелојалната конкуренција. Заедничка констатација е дека во овие услови на енергетска криза приходите на маркетите не можат да го следат растот на трошоците, посебно во услови кога високите сметки за струја во просек се шест пати повисоки во однос на истиот период од минатата година. Овие трговски синџири, каде што работат над 4.000 лица, се надеваат на помош од државата. Во спротивно, некои од нив ќе бидат принудени да затворат одредени продажни места.
Во пакетот предлози за заштедата на енергија за државните и јавните претпријатија, кој го изработи економскиот дел од македонската влада, не се предвидува намалување на работното време за вработените во централната и во локалната власт. Според податоците за потрошувачка во септември 2022, споредено со истиот месец лани, државните институции оствариле вкупно заштеда на електрична енергија од 18 отсто, објави министерот за економија Крешник Бектеши. Меѓутоа, по најавите за можна ротација на административците за работа од дома, реагираа од синдикалните организации, кои се спротивставија на мерките за штедење, кои се на сметка на работниците.

– Ја прифаќаме секоја опција што ќе придонесе за поекономично работење на институциите. Секако дека има простор да се разгледа и оваа мерка за намалување на работното време за државните службеници, но тоа не смее да се прави со намалување на висината на сегашната плата, за која исто така велиме дека треба да се зголеми. Евентуалното намалување на работното време нема да влијае и на намалување на квалитетот на услугите што им се даваат на граѓаните. И сега има некои вработени, кои работат од дома, но за кои постои можност за електронско поврзување на вработените во одделни сектори. Но да не заборавиме и на фактот дека вработените за работата од дома или со скратувањето на работното време ќе имаат и повисоки трошоци за интернет, затоплување и осветлување на домот, што секако ќе треба да се покрие од институцијата што е работодавач – ни изјави Трпе Дејановски, синдикален претставник на УПОЗ.
Воведувањето скратено работно време за трговските објекти и за други непроизводни дејности и за јавната администрација треба да биде направено врз сеопфатни анализи за економската оправданост и влијанието на вкупниот промет и потрошувачка, предупредуваат економистите. Притоа е важно да не се наруши конкурентноста на домашните компании и на квалитетот на услугите од јавните служби. Решенијата во ваквите кризни состојба треба да се бараат во посуштински, пошироки структурни приспособувања на стопанските субјекти, за што е неопходна и поконкретна помош од државата за снабдување со поевтини енергенти. М.Ј.