Габриел Ескобар врши силен пресинг врз Белград и Приштина за изнаоѓање прифатливо решение за двете страни

Се интензивира меѓународното посредништво за наоѓање решение за косовското прашање

Посетата на специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар, на Приштина, во јавноста се толкува како дел од интензивираното вклучување на меѓународниот фактор во процесот на преговори меѓу Приштина и Белград. Има притисок кон Приштина, но и интензивиран притисок и кон Белград. Во тој контекст е телефонскиот разговор што минатата недела го оствари американскиот државен секретар Ентони Блинкен со косовскиот премиер Албин Курти, но и со српскиот претседател Александар Вучиќ.

САД во шпицот, Франција и Германија како поддршка

Покрај пресингот на специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во наоѓањето решенија за споровите и за олеснување на дијалогот својот придонес го засилија и германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон, кои преку своите советници им предадоа на косовските и на српските лидери предлози за начинот и динамиката на продолжување на преговорите.
Минатата недела во ненајавена посета на Приштина, на средба со премиерот Курти, допатува специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот, Мирослав Лајчак, кој во понеделникот, 17 октомври, го посети и Белград и се сретна со претседателот Вучиќ.
Ескобар вчера беше на разговори во Белград.
Косовскиот премиер Албин Курти, по состанокот со Ескобар, ги покани на средба лидерите на најголемите парламентарни опозициски партии, која би се одржала денеска. Информацијата ја објави службата за информирање на Владата на Косово, но, за жал, не даде детали за темата за која премиерот сака да разговара со опозицијата и единствено се наведува дека средбата би се одржала напладне во кабинетот на Курти.
Во краткото обраќање пред медиумите по средбата во премиерскиот кабинет, Курти и Ескобар информираа дека разговарале, меѓу другото, за процесот на дијалог меѓу Приштина и Белград, при што косовскиот премиер рече дека Косово е „подготвено за законски обврзувачки договор со Србија, со меѓусебно признавање во неговиот центар“.

Земјите што го поддржуваат Косово бараат одлуката за регистарските таблички на ПМВ да се одложи

Специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар, изјави дека побарал од косовската претседателка Вјоса Османи и од косовскиот премиер Албин Курти да ја одложат одлуката за замена на регистарските таблички.
– Не е тајна дека побаравме подолг период на имплементација и побаравме уште 10 месеци. Би сакал да се случи ова. Тоа не е барање само на САД туку и на сите големи пет земји (квинтата – н.з.). И тоа е затоа што ние сме земјите што најмногу го поддржуваат Косово. Сметаме дека е важно кога даваме препораки луѓето да ги слушаат – рече Ескобар.
Тој додаде дека не добил потврда од Османи и од Курти дека ќе го прифатат тоа барање.
– Не сме добиле одговор од косовска страна, сѐ уште го чекаме. Знам дека ќе дојдат и други официјални претставници од квинтата, г. Лајчак ќе престојува тука. Сакам да се уверам дека луѓето вклучени во преговорите ќе слушнат позитивен одговор на ова прашање – рече Ескобар.