Фото: Фејсбук-профил на Претседателот на Србија

Претседателот на Србија и лидер на Српската напредна странка (СНС) на денешната седница на Главниот одбор ги соопшти предлог кандидати за министри во новата влада од оваа партија, меѓу кои не се досегашните министри Златибор Лончар, Небојша Стефановиќ, Јадранка Јоксимовиќ, Бранислав Недимовиќ, а проблематична е и функцијата на Зорана Михајловиќ која нема повеќе да го води ресорот за рударство и енергетика, јави дописникот на МИА од Белград.

Премиерка ќе биде Ана Брнабиќ, вицепремиер и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, а министер за одбрана и вицепремиер Милош Вучевиќ.

Министер за финансии, а воедно и вицепремиер ќе биде Синиша Мали, а Томислав Момировиќ ќе биде министер за внатрешна и надворешна трговија.

Секторот за земјоделство ќе го води Јелена Танасковиќ, за животна средина Ирена Вујовиќ, а за градежништво Горан Весиќ.

Министер за рударство и енергетика ќе биде Дубравка Негре. Со Министерството за државна управа и локална самоуправа ќе раководи Александар Мартиновиќ, а со Министерството за малцински права и социјален дијалог Томислав Жигманов.

Министер за внатрешни работи ќе биде Братислав Гашиќ, Тања Мишчевиќ ќе биде министер за евроинтеграции, а Секторот за наука и иновации ќе го води Јелена Беговиќ.

Даница Грујичиќ ќе биде министер за здравство, Никола Селаковиќ за труд, вработување и боречки прашања, а Дарија Кисиќ за семејна грижа.

Министер за туризам и млади ќе биде Хусеин Мемиќ, а за спорт Зоран Гајиќ. На чело на Министерството за култура ќе остане Маја Гојковиќ, а на Министерството за грижа на селото Милан Кркобабиќ.

Останаа празни министерствата за телекомуникации и информации, како и министерството за јавни инвестиции.

Порано денес, лидерот на СПС Ивица Дачиќ изјави дека партијата ќе има 5 министерски места, од кои двајца министри без ресор – Новица Тончев, кој ќе биде задолжен за развој на неразвиените општини и подрачја и Ѓорѓе Милиќевиќ, чие што задолжение допрва ќе се договара.

Вучиќ, на почетокот на седницата на Главниот одбор на СНС, на која ќе се расправа за новата Влада на Србија, рече дека моментот во кој се избира новиот кабинет е специфичен поради надворешни околности.

-Првпат избираме влада кога знаеме дека имаме воена состојба во околината. Кога е јасно дека оваа војна нема брзо да заврши, дека речиси нема начин да се стави крај на овој конфликт. Кога ќе видите дека едни го сакаат поразот на другата страна, а други подеднакво го посакуваат поразот на првиот – рече Вучиќ.

Тој порача дека СНС мора да работи во интерес на народот и граѓаните, а не да биде „бизнис партија“.

Тој изјави и дека се гордее со многу имиња кои нема да ги прочита како дел од владата, а од кои побара да ја сочекаат следната влада, при тоа не ги прочита имињата на досегашната вицепремиерка Зорана Михајловиќ и на досегашниот министер на полицијата, Александар Вулин.

Вучиќ кажа дека Марко Ѓуриќ треба да се врати и да извршува важни функции, и да побарал од него да остане амбасадор во САД.