Фото: Игор Бансколиев

Бугарија во период на можно формирање влада

Лидерите на ГЕРБ и на „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ заедно со предложените ротирачки премиери Николај Денков и Марија Габриел вчера продолжија зад затворени врати да разговараат за можностите за формирање редовна влада. Во кратка изјава за новинарите, Денков потврди дека се разговара за составот и структурата на кабинетот.
– Има два елемента: едниот е да се осигуриме дека нема да има проблеми со администрацијата, затоа го подготвуваме соодветниот документ за да им дадеме мир на сите што биле загрижени. Вториот, се разбира, е кадровската екипираност – рече Николај Денков.
Марија Габриел од ГЕРБ претходно посочи дека „стравот во администрацијата е шокантен“, а повод се изјавите на копретседателот на Продолжуваме со промената, Асен Василев, од снимка направена на седница на Националниот совет на партијата за чистки во службите и државната управа. Сѐ уште е неизвесно дали Василев е исфрлен од составот на Владата за кој се разговара, како предлог за министер за финансии.
Снимката, за која станува збор, ја откри стратегијата на партијата, која требаше да се спроведе по изборот на влада со поранешниот премиер Бојко Борисов. Лидерите на Продолжуваме со промената продолжуваат да го спомнуваат чистењето на државната администрација од персонал близок до претседателот Румен Радев, партијата ГЕРБ и вработени осомничени дека работеле за руското разузнавање.
Други контроверзни цитати од снимките вклучуваат изјава на Петков, кој вели дека поранешната бугарска еврокомесарка Марија Габриел се расплакала кога дознала дека нема да биде премиер.
Интересно е дека токму пред објавувањето на снимките, коалицијата „Промената продолжува – Демократска Бугарија“ постигна договор без преседан со ГЕРБ за избор на влада. Во првите девет месеци премиер требаше да биде Николај Денков (ПП), а потоа Габриел. По објавувањето на снимките, ГЕРБ прво објави дека ги замрзнува преговорите со Промените, но тие сепак продолжија.

Борисов и аферата „Барселонагејт“

За одбележување е фактот дека непосредно пред средбата за состав на новата влада, Градското обвинителство на Софија објави дека бара одземање на пратеничкиот имунитет на лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов. Од главниот обвинител Иван Гешев е побарано да иницира одземање на пратеничкиот имунитет на Борисов поради аферата „Барселонагејт“.
Станува збор за случај на процесирање податоци за перење пари, за што треба да се истражи лидерот на ГЕРБ. Случајот се однесува на куќа во Барселона во која живеела поранешната манекенка Борислава Јовчева. Според досега достапните податоци, може да се заклучи дека поранешниот премиер на трети лица им обезбедувал средства стекнати како резултат на сторено кривично дело за купување и закуп на недвижен имот во странство, посочуваат од градското обвинителство, пренесува бугарскиот портал „Медиапул“.

Протести против Радев

Паралелно со ова поголема група граѓани завчера се собраа пред претседателската палата во Софија за да му порачаат на шефот на државата Румен Радев дека Бугарија е парламентарна република и полноправна членка на ЕУ и НАТО. Демонстрантите вееја бугарски знамиња, знаме на ЕУ, како и украинско знаме, со оглед на тоа дека Украина е кандидат за членство во ЕУ.
„Фуражка – авион за Москва“, „Не сум црвен, јас сум Румен“, „ПРЕZИД- END“, „Радев изневерена европска Бугарија“, „Радев е интригант, гарант на Русија“, пишуваше на постерите на демонстрантите, додека граѓаните скандираа: „Ова не е Москва!“, „Радев е предавник“ и „Оставка“.
Протестот беше поддржан од ПП, а на него присуствуваа Кирил Петков и дел од неговите најблиски соработници. Пред толпата, Асен Василев истакна дека е среќен што гледа толку многу луѓе на плоштадот бидејќи во Европа се спушта нова железна завеса, која го дели континентот на демократска и просперитетна Европа и поранешниот Советски Сојуз.
– Веќе живеевме на погрешната страна на завесата и нема да дозволиме тоа да се повтори – додаде тој.
Од бурните случувања во Софија, внимание заслужува и вмешувањето на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, во последниот бугарски политички скандал, откако беше објавена петчасовна снимка – во која е вклучен поранешниот премиер Кирил Петков. Снимката ја објави пратеникот од партијата Има таков народ, Радостин Василев. На снимката може да се слушне гласот на Петков како им го објаснува на своите сопартијци неговиот разговор со Лејен на 21 мај, разговарајќи за шансите на Бугарија да биде прифатена во Шенген и во еврозоната.

„Македонска врска“

Додека се одвиваат овие бурни случувања во Софија, бугарските власти водат предистражна постапка против Весела Чернева, советничката за надворешни работи на поранешниот премиер на Бугарија, Кирил Петков. Таа е осомничена за одавање чувствителни информации за позицијата на Софија за влезот на Македонија во ЕУ, изјави првиот човек на бугарската Државна агенција за национална безбедност (ДАНС), Пламен Тончев.
Во одговор на прашање на пратеникот на националистичката партија Преродба „дали биле издавани информации за преговарачкиот процес на Македонија и за чекорите што ги презема бугарската држава“, Тончев во бугарското Собрание, без да го спомне името на Чернева, изјави дека е отворен случај за тоа дека „тогашен советник на премиерот ги координирал ставовите на МНР со државјанин на Македонија“.
– Нема да можам да одговорам детално, бидејќи е поведена предистражна постапка – одговори Тончев.
Според него, некои министри од тогашната бугарска влада „дефинитивно не го штителе националниот интерес“ на Бугарија. Ова не се први обвинувања на сметка на Чернева во врска со земјава.
Поранешната шефица на бугарската дипломатија Теодора Генчовска претходно во една пригода ја обвини Чернева дека „води паралелна надворешна политика“ и дека „лобира во преговорите со Скопје“.
Кабинетот на Петков беше на власт од декември 2021 до август 2022 година.