Фото: принтскрин

Во Охрид попладнево почна трилатералната средба на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, со претставниците на Европската унија, високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика, Жосеп Борел и специјалниот претставник на Брисел за дијалогот Белград – Приштина, Мирослав Лајчак.

На средбата и претходеа одвоени билатерални средби на Вучиќ и на Курти со Борел и со Лајчак.

Очите на Европска Унија и на Западен Балкан денеска се вперени кон Охрид, оценува високиот претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел.

На негова иницијатива денеска во Охрид се одржува средба на претседателот на Србија Александар Вучиќ и на косовскиот премиер Албин Курти во рамки на дијалогот за нормализација на односите меѓу двете страни, кој се води под покровителство на Европската унија и со поддршка на Соединетите Американски Држави.

Борел е придружуван од специјалниот пратеник за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, а на средбите е и американскиот дипломат за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

-По интензивната шатл-дипломатија меѓу Белград и Приштина, со претседателот на Србија и Албин Курти ќе разговараме за имплементацијата на анексот – составен дел од Договорот на патот кон нормализација на односите – напиша Борел на Твитер.

Курти по средбата со лидерот на Демократската унија за интеграции Али Ахмети во Охрид, рече дека сè додека нема готов текст, не може да има завршување на разговорите, а додека тие не завршат не може да има договор.

– Не дојдов тука за разговори за разговори, туку на разговори за договори – рече Курти.

Денешните разговори се продолжение на дискусијата од 27 февруари во Брисел на која беше договорен текстот на првичниот план за нормализација на односите меѓу двете земји.

Вучиќ на Инстаграм му се заблагодари на, како што напиша „мојот пријател Димитар Ковачевски за тоа што како добар домаќин сака да придонесе кон конструктивното продолжување на дијалогот“.

Ковачевски ги охрабрува Вучиќ и Курти да бидат конструктивни и да имаат продуктивен ден, иако, како што вели, дијалогот значи и отстапки.

-Сите правиме тешки, но државнички одлуки, никому не му е лесно, дијалог значи е отстапки, но тоа е за подобра иднина на следните генерации – рече Ковачевски.

-Позитивна вест на крајот на оваа сесија разговори во Охрид ќе биде добра за целиот регион, не само за оние страни кои се инволвирани – порача претседателот Стево Пендаровски, во врска со средбата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и косовскиот премиер, Албин Курти.

На средбата во Охрид, Вучиќ и Курти треба да се усогласат за анексот на договорот што го предлага Европската унија, кој се однесува на спроведување на договорот за нормализирање на односите меѓу двете страни. Тој е познат и како француски или француско-германски план, бидејќи го формулираа советници на германскиот канцелар и на францускиот претседател, Јенс Платнер и Емануел Бон и го претставија на Вучиќ и Курти, во септември лани.
Планот, чија првобитна верзија во меѓувреме беше модифицирана, ЕУ го усвои во декември.

Инаку, најавено е дека Борел по денешната рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина во Охрид ќе се обрати пред медиумите и ќе ги информира за резултатите од разговорите, но нема да одговара на прашања. Портпаролот на ЕУ, Петер Стано појасни дека станува збор за „вообичаена практика“ што се применува после секоја рунда од дијалогот во Брисел. Стано рече дека не знае кога ќе завршат денешните средби.