Грција

Траект со 239 патници и 51 член на екипажот беше зафатен од пламен во близината на островот Крф, Грција, но, според достапните информации, нема настрадани, благодарение на брзата интервенција и евакуација со чамци за спасување. Спасените патници и членови на екипажот од траектот што се запали додека пловеше од Игуменица, Грција, за Бриндизи, Италија, се пренесуваат на Крф, каде што ќе се пребројат, регистрираат и идентификуваат, а паралелно во тек е истрага за евентуални исчезнати лица, гласеа медиумските извештаи откако заврши евакуацијата на патниците. Како што соопшти крајбрежната стража, две лица се заробени на траектот и се вложуваат напори да се спасат. Бугарските медиуми јавуваат дека двајцата патници се Бугари, кои се живи и во постојана врска со спасителите, кои им давале упатства како да постапуваат сѐ додека не пристигне хеликоптерот што треба да ги извлече.
На траектот имало вкупно 290 лица, 239 патници и 51 член на екипажот, а грчките медиуми објавија дека се шпекулира за десетина исчезнати лица, односно станува збор за лица што се наоѓаат на листата патници, но не беа во чамците за спасување, без тоа да значи дека со сигурност се качиле на траектот и без да постои официјална потврда. Сепак, точниот број на спасени и евентуалниот број на исчезнати ќе бидат познати откако сите патници ќе се пренесат на Крф и ќе заврши процесот на идентификација.
Според сведоштвата на патниците за грчките медиуми, капетанот околу 4.30 часот ги информирал дека треба веднаш да ги напуштат нивните кабини, да се соберат на палубите, по што со елеци за спасување биле пренесени и евакуирани во чамци за спасување, а подоцна преземени од бродови на крајбрежните служби. Едно лице е полесно повредено и е префрлено во болница на Крф, а се повредило при префрлање од запалениот брод на чамец за спасување.

Пожарот наводно избувнал од гаражата на траектот, најверојатно од камион. Спасените патници што зборуваа ги опишаа драматичните сцени на бродот. Отпрвин, како што велат, имало големо бунило и паника, но со правилното водство, кое им го дало екипажот, сѐ поминало без проблеми.
Ако екипажот не реагираше веднаш, не знам што ќе се случеше, можеби пожарот ќе нѐ зафатеше. Пламенот почна да излегува од надворешните палуби откако се евакуиравме од бродот. Тогаш слушнавме експлозии што веројатно доаѓаа од возилата што експлодираа. Екипажот беше организиран и обучен- рече возач на камион.
Друг патник изјавил дека тоа било кошмар, а бил сигурен дека пожарот избувнал во гаражата на долната палуба на бродот. Според него, луѓето трчале наоколу исплашени, но, за среќа, сè поминало добро.
Пристанишните власти во Грција соопштија дека пет пловни објекти на грчката крајбрежна стража се упатиле кон областа каде што гори бродот за крстосување. И блиските бродови се приклучија на спасувачката мисија за да помогнат во евакуацијата на патниците и членовите на екипажот.