Пластики, стакло, истечено масло од возила, лични работи, па понекогаш дури и крв, се само некои од остатоците што сведочат за немили настани, односно за сообраќајни несреќи што се случиле на улиците во главниот град. Граѓаните велат дека доста чест проблем на самите учесници во сообраќајот им прават остатоците од сообраќајките, кои понекогаш остануваат со денови, доколку надлежните не бидат
известени навреме
Остатоци од несреќите на сообраќајниците остануваат на коловозите и тротоарите долго по инцидентите
Како еден од градовите каде што има најфреквентен сообраќај, некако и најнормално е Скопје да биде град каде што се случуваат и пофреквентен број на сообраќајни несреќи. Речиси нема ден во кој не се случил некаков сообраќаен инцидент, независно дали е сообраќајка помеѓу возила, со мотоцикли, пешаци или, пак, велосипеди. Реалноста е таа, бидејќи огромниот број жители, но и посетители од други градови интензивно користат возила за да стигнат од една до друга локација, а сепак не се сите учесници во сообраќајот со висока сообраќајна култура. Сообраќајни незгоди се случуваат, но добро би било тие да се сведат на што помал број. Но постои нешто што и секундарно се одразува како проблем, по сообраќајната незгода, а на што многу малку или воопшто не се обрнува внимание. Имено, по расчистувањето на инцидентот, многу ситен но опасен отпад останува на местото на настанот, а има потенцијал да предизвика нова опасност. Имено, стакло, пластики од браници, масло од возилата, а понекогаш и крв, се остатоците што, доколку не се пријават соодветно до надлежните, остануваат на локациите со денови.
ОСТАТОЦИ ОД СООБРАЌАЈКИ И МАСЛА ОД МОТОРИ НА УЛИЦИТЕ
Пластики, стакло, истечено масло од возила, лични работи, па понекогаш дури и крв, се само некои од остатоците што сведочат за немилите настани, односно за сообраќајните несреќи на улиците во главниот град.
Граѓаните велат дека доста чест проблем се остатоците од сообраќајките, кои понекогаш остануваат со денови, доколку надлежните не бидат известени навреме.
– Живеам во Бутел 2, на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош, еден од булеварите каде што многу често се случуваат сообраќајни незгоди. Како последица на тоа, честопати на коловозот имаме пластики од браници, искршени ветробрански стакла, делови од лични предмети…, исто така огромен проблем ни се маслата од возилата, кои дополнително предизвикуваат инциденти, бидејќи се лизгави. Па, така, имаме чести ситуации во кои, доколку се случила сообраќајка на пешачки премин и моторното масло истекло од возилото, пешаците се лизгаат, па дури и паѓаат кога преминуваат улица. Слично е и со велосипедистите, но и со автомобилите – вели Александар Мантевски, жител на скопски Бутел.
И возачите велат дека моторното масло истечено на коловозите е доста голем проблем, особено во овој период од годината, кога, поради ниските температури, не се мијат улиците.
– Се случува доста често да има моторно масло истечено на многу незгодни локации што се познати по сообраќајни незгоди. На патот кон Железара, од Бутел кон оваа населба, на пресекот помеѓу двете општини има осојно место, кое е доста честа локација на која се случуваат сообраќајки. Е, токму на оваа локација огромен проблем е кога ќе истече масло, бидејќи кривината е навистина незгодна и доколку не возите исклучително внимателно, лесно може да ве фрли во друга насока. Кога има масло, тука огромен број возила се лизгаат и се случува вистинска хаварија – вели Бојан Здравковски.
Неодамна скопјани реагираа за кружниот тек во Влае, каде што имало истечено масло на коловозот. На социјалните мрежи бараа што поскоро да се исчисти маслото, бидејќи им предизвикуваше проблем во возењето.
ВО ЗИМСКИОТ ПЕРИОД НЕ СЕ ЧИСТАТ УЛИЦИТЕ СО ВОДА
Надлежно за чистењето на улиците по сообраќајни несреќи е јавното претпријатие „Комунална хигиена“-Скопје.
Оттаму информираат дека вршат машинско и рачно миење на булеварите и улиците што се во надлежност на Град Скопје, почнувајќи од 15 март.
– Во зимскиот период не се врши машинско и рачно миење поради опасност од подмрзнување на коловозот. Доколку станува збор за масло/течност истурена на коловозот, тогаш најпрво се пристапува кон истурање песок што ќе ја впие течноста, а потоа се врши метење – велат оттаму.
Од претпријатието велат дека пријавите дека треба да се интервенира ги добиваат исклучиво од страна на надлежните инспектори за јавни патишта.
– Во претпријатието речиси секојдневно пристигнуваат пријави од инспекторите за истурен бетон од возило-миксер по коловозите. Токму неодамна беше примена пријава дека е растурен бетон на булеварот Борис Трајковски, по што екипите на претпријатието веднаш излегоа на терен и го расчистија коловозот. Во случај на сообраќајни незгоди, екипите на претпријатието излегуваат да ја расчистат локацијата по пријава од страна на сообраќајната полиција. За конкретниот случајот што го наведувате во населба Влае не сме добиле пријава дека има потреба од интервенција на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје – наведуваат од претпријатието.
Оттаму додаваат дека чистењето по сообраќајни несреќи на јавните и сообраќајни површини што се во нивна надлежност го вршат екипите на претпријатието.
– Екипите излегуваат на терен исклучиво по дојава од МВР на РСМ (сообраќаен сектор). Површините каде што се лоцирани сообраќајните несреќи се чистат во целост. Доколку граѓаните забележат заостанато стакло, пластика и слично, треба да проверат дали станува збор за јавни и сообраќајни површини што се во надлежност на ЈП „Комунална хигиена“ и да пријават за локацијата – велат од комуналното претпријатие.