Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел, ги повика Србија и претставниците на Србите во Косово да ги почитуваат своите обврски од дијалогот и да се вратат во институциите во Приштина, а властите во Приштина да го продолжат процесот на пререгистрација на возилата, прекинување на сите казнени дејствија против сопствениците на регистарски таблички КМ и веднаш да апочнат со преземање чекори кон формирање на Заедницата на српските општини.
Борел оценува дека повлекувањето на Србите од приштинските институции на Косово не е решение за актуелните спорови и има потенцијал за дополнително ескалирање на тензиите на теренот.
– Неодамнешните настани во односите меѓу Косово и Србија ги загрозуваат годините напорна работа и достигнувања постигнати во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина, со посредство на ЕУ, и ја комплицираат безбедносната ситуација во регионот и пошироко – рече Борел во писмена изјава објавена на веб-страницата на Европската унија.
Упати апел до двете страни да покажат подготвеност да бараат решенија на конструктивен начин и да ги почитуваат своите обврски преземени во дијалогот.
– Ги повикуваме Србија и претставниците на косовските Срби да ги почитуваат своите обврски од дијалогот и да се вратат во косовските институции за да ги исполнат своите должности, вклучително и полицијата, судството и локалната администрација – рече Борел.
Истовремено, како што нагласи, ЕУ ги повикува властите во Приштина да ги почитуваат своите обврски без одлагање.
– Тоа значи дека тие веднаш треба да го продолжуваат процесот на пререгистрација на возилата и да ги прекинат сите казнени дејствија против сопствениците на регистарските таблички на КМ. Прашањето за регистарските таблички може да го решат страните во рамките на дијалогот – изјави Борел.
Тој нагласи дека „ЕУ го повикува Косово веднаш да започне чекори кон формирањето на Заедницата на српските општини“.
Потсетува дека косовското Собрание го ратификуваше Бриселскиот договор и дека Уставниот суд во Приштина донел одлука тој да се формира.
– Затоа, неговото формирање е обврзувачка законска обврска за Косово. Континуираното неспроведување на оваа обврска го поткопува принципот на владеење на правото и го нарушува угледот и кредибилитетот на Косово – рече Борел.
Шефот на европската дипломатија рече дека е одговорност на страните да обезбедат мир и стабилност.
– Секое дејствие, како палење автомобили или застрашувачка реторика што може да доведе до тензии, се неприфатливи и ќе предизвикаат соодветна реакција од меѓународната заедница – рече Борел.
Тој нагласи дека „ЕУЛЕКС“, кој тесно соработува со КФОР и косовската полиција, е подготвен да обезбеди стабилност на теренот на Косово.
– Еулекс и КФОР ќе продолжат да го поддржуваат одржувањето на безбедна средина во согласност со нивните мандати – рече Борел.