Советот на ЕУ за правда и внатрешни работи на 8 декември треба да гласа за две одделни одлуки за „проширување на шенген-зоната“. Планирано е министрите со една одлука да гласаат за прием на Бугарија и Романија, а со друга за Хрватска. Потребна е едногласност за носење на одлуката! Во петокот Холандија најави дека ќе го блокира влезот на Софија во шенген. Холандија соопшти дека нејзината одлука да не го поддржи пристапот на Бугарија во шенген-зоната не е политичка, туку заснована на факти и дека може да ја преиспита работата дури кога ќе стане јасно дека во Бугарија функционира владеењето на правото способно за справување со корупцијата и организираниот криминал

Бугарија

Бугарската влада е подготвена за повратна жестока реакција кон Холандија и Австрија, па дури и некаков вид „одмазднички мерки“, доколку Холандија и Австрија наметнат вето на бугарското членство во шенген-зоната. Ова го изјави в.д. премиерот Галаб Донев по средбата со министрите за внатрешни работи, за надворешни работи и за правда. Тој изрази надеж дека во преостанатите денови до конечната одлука на 8 декември може да надвладее, како што рече, „разумот кај земјите партнери“.
– Бугарската влада нема да штеди напори да ги убеди двете скептични земји – рече Донев и нагласи дека таквиот став на Холандија и Австрија внесува поделба во Европската Унија.
Позициите на Австрија и Холандија против пристапувањето на Бугарија во шенген предизвикуваат „длабоко разочарување, внесуваат поделеност и го доведуваат во прашање единството на Унијата“, изјави Донев.
– Напоменуваме дека, во одбрана на својот став, канцеларот на Австрија се осврнува на недостатоците во функционирањето на шенген-системот во целина, за кои никако не може да биде одговорност на бугарската страна, додека премиерот на Холандија исто така прибегнува кон недостојни предлози, кои во Бугарија тешко дека наскоро ќе бидат заборавени. Нашиот долг кон споменот на тројцата бугарски гранични полицајци што загинаа чувајќи ја надворешната граница на ЕУ нема да го дозволи тоа – рече тој.
Донев нагласи дека од 2011 година Бугарија ги исполнила сите технички критериуми и тоа го потврдиле две инспекции на ЕК и една на австриската амбасада во Бугарија. Холандија одбила да учествува.
– И покрај наведените намери на двете земји, Бугарија не се откажа од шенген, имаме уште три дена, во кои нема да штедиме напори да бараме поддршка за преиспитување на ставот на Холандија и Австрија. Сепак, Бугарија е подготвена да размисли за одмазднички мерки во случај на негативен развој. Сите мерки ќе бидат насочени, национално одговорни и во одбрана на националниот интерес на Бугарија – додаде тој.