Која работа е најдобра за добивање разузнавачки, безбедносно-интересни и друг вид чувствителни информации од областа на политиката, економијата, бизнисот? Одговорот на безбедносните експерти е еден и единствен: „Ниедна работа не е подобра за спроведување разузнавачки активности од работата во едно дипломатско-конзуларно претставништво (ДКП)“. Според нив, описот на една таква работа вклучува „дружење со високи функционери и барање информации, сето тоа под заштита на дипломатскиот имунитет“. Ете, токму поради тоа безбедносните експерти најодговорно тврдат дека центарот на Европската Унија и главен град на Белгија, град со многу странски ДКП, претставништва и институции, по жител има најмногу „разузнавачи и контраразузнавачи“, а разузнавачките активности се како „игри без граници“

Во главниот град на Белгија најмногу разузнавачи од сите европски метрополи

Со години јавна тајна е дека главниот град на Белгија, Брисел, е „полн“ со разузнавачи, контраразузнавачи и безбедносно интересни лица, особено откако во градот се присутни институциите на Европската Унија и на НАТО. Наедно, треба да се знае дека Брисел е исклучително важна локација на повеќе од сто меѓународни организации и околу 300 странски дипломатски претставништва. Се разбира, во таква констелација, а со враќањето на златната доба на геополитичкиот натпревар на големите сили, оваа тема повторно привлекува огромен интерес. Деновиве и американскиот портал „Политико“ се осврна на оваа тема, нудејќи „приказна за разузнавачкото подземје во слабо заштитената Белгија“.

Разузнавање, шпионирање, собирање информации – во Брисел во секој момент и под разни професионални „маски“

Во Брисел има околу 26.000 регистрирани дипломати и исто толку потенцијални разузнавачи. Белгиските безбедносни служби проценуваат дека меѓу 10 и 20 отсто од вработените во една амбасада се всушност разузнавачи, или народски наречени шпиони.
Во набројувањето не треба да се испуштат ниту работните места во академскиот свет или аналитичките центри, кои се уште едно класично место за непречена шпионска работа. „Политико“ потсетува дека „сѐ уште се свежи сеќавањата на случајот кога Слободниот универзитет во Брисел го затвори институтот ’Конфуциј’ во 2019 година, откако беше откриено дека директорот шпионирал за Пекинг. Минатата година белгиските медиуми ја објавија веста дека Белгија избркала кинески докторанд од земјава затоа што тој всушност дошол за шпионажа“.
Друга добра маска е новинарството. Работата на новинарите е да поставуваат прашања, а љубопитноста е посакувана карактерна особина. Според белгиските безбедносни служби, еден од пет кинески новинари акредитирани во Брисел веројатно е разузнавач. Во Брисел, кинеските разузнавачи ги сметаат за едни од најактивните.

Потребна е европска ЦИА?

Брисел е шпионски центар уште од Студената војна, а со крајот на блоковската поделба, шпионската активност стана уште посилна. Со заострувањето на геополитичката ситуација сѐ повеќе се зборува за тоа дека ЕУ треба да има своја разузнавачка организација, која би координирала 27 национални безбедносни служби, нешто како европска ЦИА. Сепак, такво нешто е далечна можност. Во тој правец е изјавата на еден белгиски функционер за „Политико“, кој вели дека темата е премногу чувствителна и дека националните влади не сакаат да соработуваат на таков начин. Затоа, во случајот со Брисел, работата паѓа на грбот на белгиската служба за државна безбедност и военоразузнавачките служби, кои соработуваат со безбедносни служби од дури 80 земји.
Да потсетиме, Белгија се најде во вистински шпионски скандал кога во 2003 година во зградата на Европскиот совет беа откриени уреди за прислушување. А второ, за издвојување е дека пред шест години белгиската служба за безбедност имала за половина помалку вработени од просечната европска контраразузнавачка служба и покрај целата свита разузнавачи странци во главниот европски град.
– Европејците никогаш не биле добри во разузнавањето. Тие секогаш беа зависни од САД, но сега можете да видите промена во менталитетот. Светот е опасно место – изјави еден поранешен американски агент, токму во сторијата на „Политико“.
Дека ваквото размислување има реална подлога сфатија и белгиските власти, кои особено по терористичките напади во 2015 и 2016 година во Брисел и Париз го зголемија финансирањето на безбедносните служби.
Како резултат на тоа, денес белгиската влада вели дека нејзината цел е да го направи Брисел „непријателска средина“ за работа на разузнавачите, односно шпионите. Помеѓу другото, законот беше сменет за безбедносните служби да имаат повеќе простор за маневрирање. Министерот за правда Винсент ван Квикенборн рече дека безбедносните сили ќе имаат поголеми овластувања во испрашувањето и наметливите методи, но сѐ да биде во согласност со законот.

Историска инвестиција во безбедноста на Белгија

До 2024 година безбедносните служби треба енормно да го зголемат бројот на вработени лица. Според Владата, тоа ќе биде историска инвестиција во безбедноста на државата. Но не се знае колку од нив ќе работат како класични контраразузнавачи. Исто така, се очекува да се прошири дефиницијата за шпионирање, што само по себе – не е кривично дело во Белгија! Судски прогон се определува само во случај на пренос на информации клучни за националните интереси на непријателска странска сила. Така, поранешниот белгиски дипломат Освалд Гантоа беше под истрага за оддавање информации до руските тајни служби. Но тој во 2018 година беше осуден само за незаконско здружување за фалсификување.
Без разлика на новите мерки, многумина сметаат дека тоа не е доволно. Особено да не се натпреварува со сили како Кина, кои имаат де факто неограничен буџет за разузнавачки активности.
Дури и кога ќе открие непријателска активност, Белгија не дава информации на сите ѕвона, за разлика од некои други земји. Честопати замижува пред шпионажата од пријателските земји, бидејќи нејзините служби мора да избираат приоритети поради недостигот од средства.
– Попрво би сакале да нѐ шпионираат Американците или Германците, отколку Кинезите или Русите – изјави повеќе на шега еден белгиски функционер за „Политико“.

Подготвил: Mарјан Велевски