Припадниците на Фронтекс се ангажирани и на македонската јужна граница / Фото: Игор Бансколиев

Акциски план на Европската комисија (ЕК) за соработка со Западен Балкан
по горливите прашања за илегалната миграција

Европската комисија предложи акциски план за соработка со Западен Балкан за решавање на заедничките предизвици во однос на илегалната миграција. Предлогот е објавен ден пред самитот ЕУ – Западен Балкан во Тирана и три дена пред состанокот на министрите за правда и внатрешни работи на ЕУ, кои треба да го усвојат. Акцискиот план за Западен Балкан идентификува 20 оперативни мерки за зајакнување на граничното управување по должината на мигрантските маршрути, брзи процедури за азил и поддршка на капацитетите за прифаќање, борба против шверцувањето мигранти, подобрување на соработката за реадмисија и враќање и постигнување хармонизација на визната политика.
Акцискиот план утврдува и голем број мерки за подобрување на поддршката за членките на ЕУ што се соочуваат со зголемен прилив на миграција по должината на западнобалканската маршрута. Движењата по должината на маршрутата на Западен Балкан значително се зголемија оваа година поради голем број фактори, вклучувајќи ги и економскиот притисок и несигурноста како резултат на тековните конфликти, како што соопшти Комисијата. Оттаму се додава дека неусогласувањето на безвизниот режим со визната политика на ЕУ придонесе за зголемување на бројот на луѓе што директно доаѓаат во земјите од Западен Балкан со авиони и продолжуваат кон ЕУ. Кога станува збор за зајакнување на граничното управување по мигрантските маршрути, Комисијата потсети дека ЕУ веќе има склучено договори за новиот мандат на Фронтекс со Албанија, Црна Гора, Србија и Македонија. Овие договори му овозможуваат на Фронтекс да распореди членови на Европската гранична и крајбрежна стража во заеднички операции во регионот.
Деновиве медиумите алармираа дека бројот на илегален влез на мигранти се зголеми на повеќе од 275.000 во периодот од јануари до октомври годинава, според официјалната објава на граничната агенција на Европската Унија. Таа бројка е за 73 отсто повисока отколку во истото време во 2021 година и е највисока од врвот забележан во 2016 година.
Европската агенција за гранична и крајбрежна стража Фронтекс изјави дека најголемиот дел влегувања сè уште се случуваат на „западнобалканската маршрута“, каде што биле откриени над 128.000 нелегални влеза. Мигрантите на таа маршрута се главно од Бурунди, Авганистан и Ирак. Фронтекс објави дека големиот број премини во областа на Западен Балкан „може да им се припише на повторените обиди за преминување на границата од мигранти што се веќе присутни“ во областа, но и на луѓе што „го злоупотребуваат безвизниот режим“.
Исто така, се наведува дека некои мигранти летаат без визи до Белград, а потоа се упатуваат кон надворешната граница на блокот од 27 земји. Како одговор, Фронтекс распореди повеќе од 500 полицајци и службеници во регионот.