Фото: Министерство за одбрана на Украина

Преку нападите со дронови врз воздушни бази оддалечени на околу 500 километри надвор од нејзината територија, Украина го менува начинот на војување, при што постојат непотврдени информации дека развила дронови со досег од над 950 километри, пишуваат западните медиуми.

Украинците извршија досега најсмел напад врз руска територија во деветмесечната војна, со дронови целејќи две руски воени бази, според украинските власти и руското Министерство за одбрана.

– Последните герилски напади ја покажуваат тактичката досетливост на Украина во горката битка против Русија, како и континуираниот капацитет на Киев да изненадува – се посочува во анализата на британски „Гардијан“.

Дроновите беа покренати од украинска територија, а барем еден од нападите беше извршен со помошта од украинските специјални сили во близина на базата. Не е јасно како украинските сили се инфилтрирале во Русија или колку се доближиле до базите што биле цели. Набргу по нападите врз нејзините бази Русија одговори со ракетен бараж кон украинските градови.

Воздушните удари сигнализираат подготвеност од Киев да ја пренесе борбата во „срцето на Русија“, зголемувајќи ги влоговите – наведува „Њујорк тајмс“.

Кремљ соопшти дека Украина користела дронови од советската ера, насочени кон две бази на околу 500 километри од украинската граница, тврдејќи дека руските сили ги пресретнале непријателските летала.

Украинските власти одбија јавно да ги признаат нападите, во согласност со досегашната практика, но преку изјавите сугериираа вклученост на Украина.

– Земјата е заоблена, што е откритие на Галилеј. Ако нешто е лансирано во воздушниот простор на други држави, порано или подоцна неидентификувани летечки објекти ќе се вратат на местото откаде што е испратено – кажа Михаило Подолјак, советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Поддржувачите на Украина одбија да ја снабдат со оружја со долг дострел што може да достигне до руска територија, во обидот да избегнат нивна поголема вмешаност во конфликтот. Но, украинскиот произведувач на оружје „Укроборонпром“ во октомври соопшти дека го финализира развојот на вооружен дрон со досег од речиси илјада километри. А завчера објави дека тестирањата на дронот се завршени.

– Способноста на Украина да удри длабоко на руската територија не е само воено важна. Таа испраќа порака до Русија дека продолжувањето на војната не е без одредена цена, дека не е само Украина ранлива на ракетни удари и на напади со дронови со долг досег. Ова е корисно за Киев, бидејќи доколку двете држави преговараат, обврската за прекин на нападите врз руска територија би била важен влог што Украина може да го понуди – поранешниот американски дипломат Макс Бергман.