Претседателот Стево Пендаровски во Њујорк зборуваше на отворената дебата за одржување на меѓународниот мир и безбедност на Советот за безбедност

Спречувањето нови конфликти, јакнењето на довербата во Обединетите нации и еднаквото почитување на меѓународното право и принципи заради остварување на правото на слобода и независност на народите и државите беа главните пораки што беа упатени од претседателите на земјите од регионот од ООН во Њујорк

Какви пораки испратија претседателите на државите од Балканот од Генералното собрание на ОН

Генералната дебата на 78. Генерално собрание на Обединетите нации, кое се одржува на темата „Обнова на довербата и повторно активирање на глобалната солидарност: Забрзување на акцијата за Агендата 2030 и нејзините цели за одржлив развој кон мир, просперитет, напредок и одржливост за сите“, деновиве беше во центарот на вниманието на светската јавност. И покрај заедничката заложба за постигнување поголема безбедност во регионот, во излагањата на различни лидери можеа да се видат спротивставени ставови за состојбата во регионот.

Претседателот Пендаровски ја имаше Украина во фокусот, а Македонија во дефокусот

Обраќањето на претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, беше предвидено во попладневните часови од вчерашното продолжување на Генералното собрание. Претходниот ден македонскиот претседател говореше на отворената дебата за одржување на меѓународниот мир и безбедност на Советот за безбедност. Во обраќањето, претседателот Пендаровски порача дека најитната задача на Советот за безбедност е да биде проактивно ангажиран за ставање крај на војната во Украина.
– Единствениот начин да се постигне оваа цел е преку дипломатија и преговори, засновани на почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признаени граници. За таа цел, првиот чекор треба да биде итно и безусловно примирје, за да се создаде амбиент за почеток на преговорите. Во текот на целиот процес, Обединетите нации треба да воспостават мировна мисија со главна задача да ги надгледува примирјето и хуманитарната помош за цивилите – истакна претседателот Пендаровски на отворената дебата на Советот за безбедност.
Македонскиот претседател посочи на „блокадата во која се наоѓа Советот за безбедност како главно тело на ОН, кое има цел зачувување и унапредување на меѓународниот мир и безбедност, беше поттикнат токму од непочитувањето и од свесното заобиколување на основните принципи на меѓународниот поредок.
– Јасно е дека оваа блокада ги намалува кредибилитетот и довербата на луѓето дека Обединетите нации можат ефективно да ја постигнат клучната цел за која беа формирани пред речиси осум децении. Без веродостојна алтернатива во перспектива на сегашниот меѓународен поредок, кој ќе има мнозинска поддршка од нациите, разбирливо е зошто фрустрацијата на луѓето од неактивноста на ОН станува сѐ посилна – забележа македонскиот претседател.

Српскиот претседател Вучиќ против очигледната примена на двојни аршини во ОН

Од говорницата на Генералното собрание на ОН, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, јасно порача дека „сѐ уште трае обидот за распарчување на неговата земја“.
– Сакам да го кренам својот глас во името на мојата земја, но и во името на сите оние што и денес, 78 години по основањето на ОН, вистински и еднакво веруваат дека принципите на Повелбата на ОН се единствена суштинска одбрана на светскиот мир, правото на слобода и независност на народите и државите, но и повеќе од тоа, залог на самиот опстанок на човечката цивилизација. Новиот глобален бран на војни и насилство, кои ги погодуваат темелите на меѓународната безбедност, е болна последица, чија причина лежи во напуштањето на принципите наведени во Повелбата на ОН.
Обидот за распарчување на мојата земја, формално започнат во 2008 година со едностраното прогласување независност на Косово и Метохија, сè уште трае. Погазувањето на Повелбата на ОН во случајот со Србија беше еден од видливите предвесници на многубројните проблеми со кои се соочуваме сите денес, а кои ги надминуваат границите на мојата земја или регионот од кој доаѓам – рече Вучиќ.
Тој посочи дека од последната средба во Њујорк светот не станал ниту подобро ниту побезбедно место, напротив. Глобалниот мир и стабилност остануваат акутно загрозени.
– Додека три дена по ред сите се заколнавме дека ќе ги почитуваме принципите и правилата на Повелбата на ОН, нивното кршење е основата на повеќето проблеми во меѓународните односи, а примената на двојните стандарди е отворена покана за сите оние што ги газат нормите на меѓународното право, но и основниот човечки морал и своите интереси ги остваруваат преку војна и насилство – рече Вучиќ.
Речиси сите големи западни сили брутално ги погазија и Повелбата на ОН и Резолуцијата 1244 на ОН, усвоени во овој висок дом, ги негираа и газеа сите тие принципи што ги бранат денес, а тоа се случи пред 24 години и точно пред 15 години, изјави српскиот претседател.

Хрватскиот претседател Милановиќ во ОН ја поддржа БиХ

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ во обраќањето пред Генералното собрание на ОН повика на реформа на Советот за безбедност на Обединетите нации, промена на изборниот закон во БиХ и признавање на Косово и се заложи за соработка на државите за зачувување на планетата.
– Светот во кој денес живееме бара заеднички, глобални и усогласени напори како клуч на успехот во решавањето на сериозните глобални кризи – кажа Милановиќ, истакнувајќи дека „мора да се зачува улогата на ОН како центар на глобалната соработка“.
Милановиќ голем дел од својот говор посвети на прашањето на одржливиот развој, истакнувајќи дека досегашните светски напори во таа насока се покажале како недоволни.
Повика на вложување во спречувањето конфликти бидејќи тоа е „далеку поисплатливо од вложувањето“ во нивното сопирање и подоцнежното закрепнување.

Претседателот на Црна Гора порача дека треба да се дејствува обединето!

Црна Гора останува решена на патот на евроатлантската иднина, добрососедските односи и мултилатерализмот, рече црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ во своето обраќање пред Генералното собрание на ОН и изрази уверување дека пристапот на Црна Гора во ЕУ, како и на целиот Западен Балкан, дополнително ќе ја зајакне својата меѓународна позиција и ќе овозможи траен мир и просперитет.
Милатовиќ ја потврди силната поддршка и посветеност на Црна Гора на целите и принципите на Обединетите нации – особено, како што рече, во моменти како овие кога глобалното единство и солидарност се многу потребни.
– За ефикасно решавање на глобалните проблеми, потребно ни е мудро лидерство. Наместо да се обединиме во заеднички напори, најчесто делиме само заеднички грижи. Сепак, единствениот начин да се справиме со широкораспространетите кризи е да дејствуваме обединето – изјави Милатовиќ.

Хрватскиот член на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, упати отворени критики кон соседите на БиХ, Хрватска и Србија

Хрватскиот член на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, во својот говор на Генералното собрание на ОН во Њујорк, ги критикуваше соседните земји, пред сѐ Србија и Хрватска и повика меѓународната заедница да ја поддржи БиХ доколку, како што се вели, сака мир на Западен Балкан.
– Нашите соседи, преку етничките заедници во БиХ, се стремат да им го остварат секое право, на овој начин го напаѓаат суверенитетот на нашата земја. што речиси целосно спречува каков било демократски развој на Босна и Херцеговина – рече Комшиќ.
Тој смета дека во интерес на Обединетите нации е, доколку се сака да се зачува мирот на Западен Балкан, да се поддржат државата Босна и Херцеговина и нејзините институции.
Комшиќ го обвини и високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, кој не е признаен во Република Српска, дека го продлабочува етничкиот принцип, кој со своите одлуки со години предизвикува проблеми.
– Токму нееднаквоста на граѓаните во политичкиот и изборниот систем резултира со етнички систем на управување со земјата, кој сам по себе е предодреден да биде конфликтен – рече Комшиќ.

Подготвил: Митко Јовановски