Фото: Пиксабеј

Системите за одржување на животот на Земјата се толку оштетени што планетата е надвор од безбедниот оперативен простор за човештвото, предупредуваат научниците

Земјата е надвор од просторот
безбеден за човештвото

Процената на научниците покажа дека шест од деветте „планетарни граници“ се пробиени поради загадување и уништување на природниот свет предизвикани од човекот. Планетарните граници се границите на клучните глобални системи, како што се климата, водата и разновидноста на дивиот свет. Нарушените граници значат дека системите се отфрлени далеку од безбедната и стабилна состојба што постоела од крајот на последната ледена доба, пред 10.000 години, до почетокот на индустриската револуција. Целата модерна цивилизација настанала во тој временски период, наречен холоцен.
Процената беше прва од сите девет планетарни граници и претставуваше прва научна здравствена проверка за целата планета. Шест граници се надминати, а две се проценува дека се блиску до пробивање: загадувањето на воздухот и закиселувањето на океаните. Единствената граница што не е загрозена е атмосферскиот озон, откако акцијата за постепено отстранување на деструктивните хемикалии во последните децении доведе до намалување на озонската дупка – велат истражувачите.
Научниците рекоа дека „најзагрижувачкото“ откритие е дека сите четири биолошки граници, кои го покриваат живиот свет, се на, или блиску до, највисокото ниво на ризик. Живиот свет е особено витален за Земјата бидејќи обезбедува еластичност со компензирање на некои физички промени, на пример, дрвјата, кои апсорбираат загадување со јаглерод диоксид.
Планетарните граници не се неповратни пресвртни точки надвор од кои се случува ненадејно и сериозно влошување, велат научниците. Наместо тоа, тие се точки надвор од кои значително се зголемуваат ризиците од фундаментални промени во физичките, биолошките и хемиските системи што го одржуваат животот на Земјата. Планетарните граници првпат беа осмислени во 2009 година и ажурирани во 2015 година, кога можеше да се проценат само седум.

– Науката и светот во целост се навистина загрижени за сите екстремни климатски настани што ги засегаат општествата низ планетата. Но она што нè загрижува уште повеќе се сè почестите знаци на намалената еластичност на планетата – рече професорот Јохан Рокстром, тогашниот директор на Центарот за отпорност во Стокхолм, кој го предводеше тимот што ја разви граничната рамка.
Рокстром, кој сега е заеднички директор на Институтот за истражување на климатските влијанија во Потсдам, Германија, вели дека слабата отпорност може да го оневозможи ограничувањето на глобалното затоплување на климатската цел од 1,5 степен Целзиусов и може да го доближи светот до вистинските точки на пресврт. Научниците неодамна рекоа дека светот е на работ на повеќе катастрофални пресвртни точки.
– Сигурно знаеме дека човештвото може да напредува под услови што постојат 10.000 години, но не знаеме дека можеме да напредуваме под големи, драматични промени [и] влијанието на луѓето врз системот на Земјата како целина се зголемува додека зборуваме – рече професорката Кетрин Ричардсон од Универзитетот во Копенхаген, која ја водеше анализата.
Таа додава дека Земјата може да се смета за пациент со многу висок крвен притисок, а тоа не укажува на одреден срцев удар, но во голема мера го зголемува ризикот.
Процената, која беше објавена во списанието „Сајенс адвансис“ и беше заснована на 2.000 студии, покажа дека неколку планетарни граници одамна се поминати. Границата на интегритетот на биосферата, која вклучува здраво функционирање на екосистемите, беше пробиена кон крајот на 19 век, бидејќи уништувањето на природниот свет го десеткуваше дивиот свет. Истото уништување, особено уништувањето на шумите, значи дека границата за користење на земјиштето е пробиена минатиот век.

Климатските модели сугерираат дека безбедната граница на климатските промени била надмината во доцните 1980-ти години. За свежата вода, новата метрика, која ги вклучува и водата во езерата и реките и во земјата, покажа дека оваа граница била надмината на почетокот на 20 век.
Друга граница е протокот на азот и фосфор во околината. Тие се од витално значење за животот, но прекумерната употреба на ѓубрива значи дека многу води се силно загадени со овие материи, што може да доведе до цветање на алгите и мртви зони на океаните. Според Организацијата за храна и земјоделство на ОН, трипати поголемо количество азот се додава во полињата секоја година.
Студија од 2022 година покажа дека е надминат прагот за синтетичко загадување, како што се пестициди, пластика и нуклеарен отпад. Анализата предводена од Ричардсон за првпат го процени загадувањето на воздухот, кое влијае на растот на растенијата и на монсунските врнежи. Утврдено е дека загадувањето на воздухот ја преминало планетарната граница во некои региони како Јужна Азија и Кина, но сè уште не на глобално ниво. Закиселувањето на океаните исто така се проценува дека се влошува и е блиску до надминување на безбедните граници.
Според научниците, ова ажурирање открива дека шест од деветте граници се прекршени, што сугерира дека Земјата сега е далеку од безбедниот оперативен простор за човештвото.

– Ако сакате да имате безбедност, просперитет и еднаквост за човештвото на Земјата, мора да се вратиме во безбеден простор, а ние не гледаме таков напредок во светот во моментов – рече Роксторм.
Потребни се клучни дејства за постепено укинување на согорувањето на фосилните горива и ставање крај на деструктивното земјоделство.
Планетарните граници се поставени со помош на специфични метрики, како што се нивоата на ЦО2 во атмосферата за климатските промени. Земјините системи се отпорни на одредени нивоа на промени, така што повеќето граници се поставени на ниво повисоко од она што постоело во изминатите 10.000 години. На пример, ЦО2 беше 280 дела на милион до индустриската револуција, но планетарната граница беше поставена на 350 ппм, пишува „Гардијан“.