Фото: ЕПА

Уште една порака на „добрососедство“ од источниот сосед како честитка за македонскиот државен празник Илинден

Бугарскиот претседател Румен Радев во својот препознатлив, исклучително нетолерантен и радикален стил упати честитка до својот македонски колега Стево Пендаровски, во која вели дека годинава се одбележуваат 120 години од Илинденско-преображенското востание и дека тоа е „голем и значаен настан од заедничкото историско и културно минато на Бугарија и Македонија“.
– Целта и саможртвата на хероите од Илинденско-преображенското востание е еден од мостовите низ времето што ги поврзува двете држави и нивните граѓани. Одразот на идеалите за слобода, еднаквост и братство на нашите предци денеска го препознаваме во основните права на Европската Унија, кон кои искрено посакуваме да се приклучите. Убеден сум дека заедно можеме и мораме да ги решиме отворените прашања во билатералните односи, што се очекува од нашите граѓани и е во име на нашата заедничка иднина во обединета Европа – стои во честитката на Радев до Пендаровски.
Ваквите провокации за „заедничка историја“, испратени од највисокото државно ниво на Бугарија, се само уште еден доказ дека сегашната државна структура на Бугарија воопшто не отстапува од досегашната политика на анихилација, деноминација, хегемонизам и денационализација на македонскиот народ, јазик, историја и култура. Токму ова треба да ги разубеди и најголемите оптимисти во Македонија дека дијалог за добрососедство, врамено во вакви рамки е невозможно. Веќе е повеќе од очигледно дека Македонија и македонскиот народ не се третираат како рамноправен партнер во преговорите за интеграција кон ЕУ и дека прифатените и потпишани договори (за добрососедство, како и протоколите) се со исклучително асиметрична структура, на штета на Македонија и македонскиот народ.