Петар Поп Арсов / Даме Груев

По Виничката провала (1897) в затвор паднал Петар Поп Арсов – еден од основачите на Организацијата и член на ЦК. Во 1900 година, поради Попставревата провала (1900) в затвор се нашол Дамјан Груев – главен иницијатор за формирањето на Организацијата и еден од најагилните членови на ЦК. Во 1901 година во врска со Солунската провала в затвор паднале Христо Татарчев (основач и претседател на ЦК), Иван Хаџи Николов (основач и член на ЦК), потоа Пере Тошев и Христо Матов (двајцата членови на ЦК)

ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ (2)

Со оглед на тоа што станува збор за илегална организација чија активност била насочена против суверенитетот на империјата, истата таа била во судир со законите и под прогон на властите. Во предилинденскиот период, Организацијата се соочила со голем број предизвици и опасности, со многу афери и провали. Некои од нив биле последица од илегалната активност на Организацијата, други дошле како последица на превентивните мерки на власта, трети, пак, биле предизвикани од активноста на идејните противници какви што биле: Тајното бугарско револуционерно братство и Врховниот македонски комитет. Како последица од аферите и провалите, мнозина докажани раководители на Организацијата паднале в затвор, а тоа довело до кадровски промени во раководните структури и институции на Организацијата. Така, по Виничката провала (1897) в затвор паднал Петар Поп Арсов – еден од основачите на Организацијата и член на ЦК. Во 1900 година поради Попставревата провала (1900) в затвор се нашол Дамјан Груев – главен иницијатор за формирањето на Организацијата и еден од најагилните членови на ЦК. Во 1901 година во врска со Солунската провала в затвор паднале Христо Татарчев (основач и претседател на ЦК), Иван Хаџи Николов (основач и член на ЦК), потоа Пере Тошев и Христо Матов (двајцата членови на ЦК).
Според тоа, од шестмина основачи на Организацијата, до 1901 година в затвор се нашле дури четворица, или вкупно шестмина дотогашни членови на ЦК. По Солунската провала, на чело на ЦК на ТМОРО дошол Иван Гарванов – поранешен претседател на Тајното револуционерно братство, кое од формирањето во 1897 г., па до слевањето со Организацијата во 1899 година, дејствувало како нејзин опонент. Гарванов како Бугарин кон македонското ослободително движење гледал низ бугарска призма, а според Ѓорче Петров, тој „секогаш се чувствувал како човек на Бугарија“.
Впрочем, тој за своите подвизи од времето на братството бил одликуван од бугарскиот кнез Фердинанд. Зацврстувањето на Гарванов во ЦК на ТМОРО коинцидира со кадровските промени во ВМК, кога на чело на македонската емигрантска организација застанал Стојан Михајловски, но фактички конците ги влечел генерал Цончев. Последниот под покровителство на кнезот и воениот министер почнал кампања за провоцирање востание во Македонија. Гарванов, кој во прво време сметал на поддршка на Цончев, откако ја добил довербата од Делчев и Груев се свртел против генералот. Во меѓувреме, во септември 1901 година, во име на наводната соработка помеѓу ВМК и ТМОРО, за задгранични претставници на местото на Гоце Делчев и Ѓорче Петров биле именувани Туше Делииванов и Димитар Стефанов. Оваа кадровска промена, која навидум претставувала отстапка кон Цончев, во суштина не променила ништо во однос на дотогашната политика на ТМОРО кон ВМК, зашто новите задгранични претставници биле под влијание на Делчев. Тие во декември 1901 година ги прекинале односите со ВМК, а веќе во март 1902 година објавиле дека ТМОРО ја прифаќа фрлената ракавица и влегува во отворена војна со врховистите.

Провоцирање востание

При такви околности, летото 1902 година, ВМК започнал со реализација на планот за провоцирање востание, а провокацијата кулминирала со авантурата на полковникот Јанков во Костурско и Леринско, а особено со масовното навлегување на врховистичките чети во Горноџумајско. Кога врховистичката провокација спласнала, ЦК на ТМОРО во ноември 1902 година за задгранични претставници во Софија ги именувал штотуку амнестираните: Христо Татарчев и Христо Матов. Во меѓувреме во дипломатските средини било отворено прашањето за реформи во Македонија. Зачестените афери и провали, засилената репресија на властите врз цивилното население, масовните приведувања и затворања, како и постојаниот прогон на четите, згора на тоа и последиците од врховистичката провокација, го зголемиле нетрпението кај населението и кај некои војводи и раководители, кои почнале да бараат да се прогласи востание.
Под притисок на зачестените афери и судири во Леринско, претседателот на Битолскиот окружен комитет – Анастас Лозанчев, уште на почетокот на летото 1902 година пред ЦК во Солун го поставил прашањето за востание. Оваа иницијатива дошла во време кога Организацијата водела жестока кампања против врховистичката востаничка провокација, па оттука сосема логично било дека при такви услови барањето за востание ќе биде отфрлено. Во врска со иницијативата на битолчани, кон крајот на јули 1902 година во Софија било одржано советување на кое учествувале: Гоце Делчев, Иван Гарванов, Туше Делииванов, Лазар Димитров, д-р Владимир Руменов, Тома Карајовов, Никола Наумов и Бојан Биолчев. Со исклучок на Гарванов, кој за време на советувањето бил воздржан, другите категорично се изјасниле против барањето на битолчани. Притоа, Лазар Димитров бил задолжен да замине за Битола за да им го соопшти ставот од советувањето, но патем во Солун, Димитар Мирчев (секретар на ЦК) го информирал дека битолчани се откажале од намерата за востание и дека духовите се смириле, поради што Димитров не отпатувал за Битола.
По два-три месеци, Битолскиот окружен комитет, откако се соочил со врховистичката провокација на полковникот Јанков, повторно посегнал по прашањето за востание. За да го задржат населението да не тргне по умот на провокаторот Јанков, Окружниот комитет и локалните раководители ветиле дека во блиска иднина ќе кренат востание. Во таа смисла Анастас Лозанчев испратил ултимативно барање до ЦК во Солун. Востаничката ориентација меѓу дејците на ТМОРО во битолскиот округ од октомври 1902 година, илустративно е доловена во две писма на леринскиот војвода Георги Папанчев од октомври 1902 година, во кои пишува дека се подготвува за „свадба на пролет“ (востание напролет).

Организацијата планирала вооружување

Од кореспонденцијата помеѓу ЦК на ТМОРО во Солун и Задграничното претставништво (ЗП) во Софија, очигледно е дека под притисок на врховистичката провокација, прашањето за востание се вселило во комуникацијата помеѓу овие две институции кон крајот на септември 1902 година. Токму во тоа време бугарскиот трговски агент од Солун – А. Шопов во извештајот од 29 септември (ст. стил) пишува дека ТМОРО, која презела сериозни мерки да ја парализира врховистичката провокација, почнала да го убедувала населението да почека за востание до следната пролет, кога ќе има поблагопријатни услови, за да може дотогаш да приврши некои поважни подготовки. Речиси истовремено од преписката помеѓу ЦК и ЗП е очигледно дека во овој период Организацијата настојувала да го зголеми бројот на своите чети и да ја забрза испораката на оружје, а ЦК дури размислувал за набавка на топови.

(Продолжува)