Архива / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Го повторив и го подвлеков тоа што го кажува самиот претседател (Александар Вучиќ) дека мораме да направиме се за да го зачуваме мирот по секоја цена и лично побарав од претседателот, како и од целата влада, која ја молам преку него, да направи се за да го зачува мирот. Не дај Боже да се случат вооружени судири, бидејќи тие никому нема да донесат добро, изјави патријархот на СПЦ Порфириј по разговорот со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за актуелната состојба на Косово, јави МИА од Белград.

Тој по средбата се осврна и на, како што информираа српските медиуми, забраната од Приштина да ја посети Пеќката патријаршија на Косово.

– Ќе кажам само едно – дека Пеќката патријаршија е за нашиот народ, за секој поглавар на нашата црква, она што е Ватикан за Римокатоличката црква или за Латеран, и замислете сега некој без никаква причина, со во најмала рака комично објаснување, само затоа што чувствува желба, да му забрани на Папата да влезе во Ватикан или да го напушти Латеран. Ова го велам затоа што сум сигурен дека целиот свет би се кренал на нозе – рече патријархот на СПЦ.

Порфириј посочи дека вчера се обидел да оствари некои директни контакти со луѓе за кои смета дека можат да помогнат да се отстрани таквата „бесмислена, апсурдна и ирационална забрана“.

Патријархот додаде дека сакал, пред сè, да оди во Пеќската патријаршија за да се помоли за мир во светот, а пред се за меѓусебно разбирање, за соживот и за мир меѓу Албанците и Србите.